Меѓународен ден на џезот во Битола
ЈОУ КИЦ – Битола се приклучува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот. Во рамките на манифестациите за одбележување на Меѓународниот ден на џезот ќе биде промовиран новиот музичко – сценски простор пред Офицерскиот дом како најава за богата концертна сезона.
На 30 април, со почеток во 12 часот на платото пред Офицерскиот дом – КИЦ – Битола ќе биде поставена изложбата на фотографии „Џезтетика“ на фотографот Татјана Ранташа, а во музичкиот дел битолчани ќе можат да го проследат настапот на македонскиот џез квартет „Сашо Поповски квартет“, со познатите џез артисти: Сашо Поповски, Иван Бејков, Ратко Даутовски и Кирил Кузманов.
Овој настан е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џез музиката кој вклучува над илјада настапи и концерти во преку 190 земји во светот. Имено во Ноември 2011 година, Генералното сообрание на УНЕСКО, го прогласи 30 Април за Меѓународен ден на џез музиката, со цел да ја промовира истата како алатка за мир, заедништво, разбирање и дијалог помеѓу луѓето. М.М.
Comments