„Меѓу папратите“ – изложба на фотографии направени без фотоапарат
Updated: Oct 6, 2021
04.10.2021 Oktomvri Ponedelnik
Изложбата „Меѓу папратите“ на Кети Талевска Бакревска е изложена во културниот центар „Магаза“ во Битола и ќе може да се посети до денеска. Составена е од 26 фотографии, односно лумен-принтови. Станува збор за соларни фотографии што се прават на фоточувствителен материјал без користење фотоапарат. Денес ваквите фотографии реферираат на најраните фотографски експерименти од раниот 19 век. Талевска вели дека и покрај претпоставените ограничувања, овој начин на изработка отвора бескрајни можности за експериментирање. – Лумен-принт e техника за која не ви е потребен фотоапарат за да направите фотографија. Сѐ што е потребно се фоточувствителна хартија, сонце и фиксир. Фотохартијата реагира на светлината и така се исцртуваат предметите или формите што се поставени над неа. Техниката звучи едноставно и на прв поглед изгледа така, но сепак колку подлабоко се проучува толку повеќе се откриваат нејзините скриени можности со кои можеме да играме до бесконечност. Со лумен-принт почнав да се занимавам пред година и половина, односно за време на пандемијата и карантинските денови. Во моментот немав ни темна соба за развивање фотографии и потребно ми беше нешто што би можела да го работам на директна светлина и да не сум ограничена со простор. Почнав да работам преку истражување на алтернативните процеси за фотографија и со помош од мојот пријател Сашо Алушевски, кој се занимава со многу алтернативни фотографски процеси и кој ми ја посочи оваа техника – споделува Кети.
Уште при изработката на првата фотографија со оваа техника се фасцинирала од резултатот, по што спонтано се наметнала идејата за изложба. – Изминатиов период експериментирав со различна експозиција (некои од фотографиите се направени со експозиција од два-три дена на сонце.), додавање течности над хартијата, хемикалии и користење различни видови светлина за експонирање на фотографиите. Резултатот е секогаш различен. Секоја добиена фотографија е уникатна и единствена и е практично невозможно истата таа да се повтори – вели таа. Насловот е „Меѓу папратите“ бидејќи сите фотографии што се изложени моментално се направени со растенија што се наоѓаат помеѓу папрат. – Кога започнав да работам со оваа техника меѓу првите фотографии што ги направив беше фотографија од папрат. Се разбира, тоа беше најдостапно растение што го имаше секаде околу мене. И сите други растенија што ги собирав се наоѓаа помеѓу папратот. Така и настана концептот за оваа изложба. Интересно е и како секое растение има различно влијание на фотохартијата. Во зависност од дебелината на листот, соковите што ги испуштаат и слично, секое растение остава свој уникатен белег на хартијата. Сето тоа изгледа речиси нереално, а во исто време може да се препознае за кое и какво растение се работи – вели Талевска Бакревска. Луминограмите отвораат бескрајни можности за експериментирање и иницираат бујна инспирација.
– При секоја прошетка во природа наоѓам растенија што никогаш претходно не сум ги забележувала. Така што инспирација добивам секогаш кога ќе соберам некои необични растенија или предмети со кои досега не сум пробала да направам фотографија. И потоа следува возбуда, а со крајниот резултат или ќе бидам пресреќна или разочарана. Но сепак упорноста е најбитна кога се работи со лумен-принтови – посочува Кети. Лумен-принт е техника од 19 век. Ја нарекуваат уште уметност на фотографското цртање. – Покрај неа постојат и други слични техники, за кои не ви е потребен фотоапарат и сите тие техники се користат и ден-денес. Кај нас засега не сум слушнала некој да се занимава со лумен-принт – дополнува Кети. Кети Талевска Бакревска со фотографија се занимава од 17-годишна возраст. Започнала со аналогна, со која сѐ уште се занимава, но активно се занимава и со дигитална фотографија. Со другите дигитални медиуми се запознала и на факултетот за медиумска комуникација ФЕРИ во Марибор, Словенија. Моментално живее и работи во Битола како професионална фотографка и видеомонтажерка. Како менторка била дел од неколку работилници: стоп-анимација, видеомонтажа и работилница за камера-обскура. Учествувала и на повеќе групни изложби. „Меѓу папратите“ е нејзината прва самостојна изложба, во која сѐ уште инвестира многу енергија и страст во истражувањето на медиумот.
Comments