Мето Јовановски – човекот кому едноставно му верувате кога го гледате на филмското платно е лауреат
Updated: Oct 27, 2021
26.10.2021 Oktomvri Vtornik
„Филмот е една чаролија со која тешко се постигнува резултат поради многу фактори“, изјави познатиот македонски актер Мето Јовановски кој е годинешен добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот фестивал „Киненова“ посветен на дебитанските остварувања.
По повод добивањето на наградата на „Киненова“ која ова издание го посветува на македонските великани, Јовановски денес истакна дека успешноста на еден филм зависи од сценариото, режисерот, но и од времето како и условите во кои живееме. „Сите ние некогаш сме биле почетници, и секогаш некој познат или непознат се случувало да ни помогне, да имаме поддршка која е многу важна. Времето кога јас почнав, во 70-тите, беше поинакво од времето сега. Сега морам да кажам дека е многу посложено“, посочи Јовановски.
За првиот филм на Милчо Манчевски „Пред дождот“, тој вели дека не може да се каже дека е дебитантски, но дека е еден од првите негови филмови, и филм кој постигна голем резултат. „Нештата немаат правила, честопати се случува во почеток, од многу причини, амбиција, креативност, страв да се успее, дали ќе се успее итн… Се случува некои филмови на почетокот да се поуспешни од покасно. Нема правила, нашата работа е колективна, зависи од многу фактори, од сценарио, режисер, партнери, камери, расвета, монтажа… Многу фактори се пресудни за на крајот да има добар резултат, но и условите, амбиентот во кој се работи, времето во кое живееме. Филмот е скапа играчка и денес потешко се доаѓа до средства“, додаде Јовановски.
Но според него, театарот е основата, и вистинската работа за актерот е токму театарот, затоа што е потребен професионалец кој ќе му го посвети целиот свој живот.
Годинешниот лауреат на „Киненова“ Мето Јовановски, како што е познато, се појавува во над 60-тина филмски и телевизиски наслови, а незаборавни улоги остварува во филмовите „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“. За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“, но и Златна маска на МЕСС во Сараево, неколку Гран-При во Ниш за најдобар актер, како и триесеттина други во нашата земја и поранешна Југославија. Во 2010 година ја доби и наградата „Петре Прличко“.
За програмскиот директор на „Кинеова“, Игор Анѓелков, одлуката Мето Јовановски да биде добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на фестивалот била веднаш донесена и без никакви размислувања.
„Прва асоцијација на македонски актер во сиот свој сјај е токму тој – „човекот на кој едноставно му верувате кога го гледате на филмското платно, секоја изговорена реплика е на место изразена со емоција, па дури и кога молчи“, истакна Анѓелков.
Инаку, наградата на Мето Јовановски ќе му биде врачена на отворањето на фестивалот (27 октомври), по што, во негова чест, ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“.
Инаку, оваа година „Киненова“ постхумно ќе додели уште две награди за особен придонес во филмската уметност – на Сабина Ајрула – Тозија и на Љупчо Тодоровски-Упа. Како што истакна директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, бидејќи Љупчо Тодоровски-Упа бил значаен дел од фестивалот, оваа година се востановува награда насловена по неговото име која ќе се доделува за особено актерско остварување во главната натпреварувачка програма.
コメント