„Метаморфоза“ – изложба на Бојан Ковски во МКЦ
„Метаморфоза“ е насловот на изложбата на уметникот Бојан Ковски која ќе биде отворена на 10 декември, во 20 часот, во Младинскиот културен центар. На изложбата, со која авторот одбележува пет години творештво во оваа гранка, ќе бидат поместени десет платна со боди-арт и две живи скулптури.
„Метаморфозата е биолошки процес низ кој поминуваат некои животни, особено инсекти и при тоа го менуваат однесувањето. Сите ја знаеме трансформацијата од ларва кон пеперутка и тој процес е бавен сè додека не заврши сопственото оформување до зрелост за полет низ животот“, ќе посочи кураторката Дијана Томиќ Радевска кон изложбата.
Според авторот, пак, метаморфозата е многу важен процес во психата на секој човек. „Целта на изложбата е да ги поттикне посетителите да се замислат и запрашаат како тие самите се менуваат, што ги поттикнува и што би сакале да станат“, истакнува Ковски.
Главната порака на оваа изложба е редефинирање на телото и претворање на човекот од својот лик во нешто што наликува на суштество од друга планета со боите што ги носат пеперутките.
Comments