Металург ја почнува серијата европски мечеви
05.02.2021 februari petok
РАКОМЕТ
Со утрешниот меч кај рускиот првак Чеховски медведи (18 ч., пренос на МТВ) ракометарите на Металург ќе го отворат пролетниот дел од сезоната во Лигата на Европа (ЛЕ), во кој имаат за играње вкупно уште седум меча. Во есенскиот дел од сезоната како дел од групата А, металурзите забележаа два пораза, на гостувањата кај францускиот Тулуз (33-29) и кај шпанскиот вицепрвак Адемар Леон (41-32), а на домашен терен одиграа нерешено со австрискиот првак Фиверс (33-33). – Со утрешното гостување кај Чеховски медведи за нас почнува пеколниот февруари во кој за 18 дена ќе треба да одиграме шест меча во Лигата на Европа. За Москва одиме без притисок, ќе дадеме сѐ од себе да одиграме најдобро што можеме и да се претставиме во најдобро светло – изјави капитенот на Металург Даниел Дупјачанец. Од утре до 23 февруари, Металург треба да игра двапати со Чеховски медведи (уште и на 20-ти дома) и со Висла (на 14 и на 16 февруари, двете средби во Полска) и по еднаш со Тулуз (во вторник, дома) и со Фиверс (на 23 февруари на гости). Металург и Чеховски медведи зад себе имаат долгогодишна меѓусебна историја во која како дел од групната фаза во Лигата на шампионите се сретнале осум пати. Металурзите победиле трипати, со 25-24 (сезона 2018/2019), 32-26 (2017/2018) и со 31-24 (2016/2017), а пет пати поуспешен бил рускиот првак, со 33-25 (2018/2019), 29-26 (2017/2018), 25-21 (2016/2017) и 28-32 и со 40-25 (сезона 2006/2007). Сезонава Чеховски медведи одигра само два меча во ЛЕ во кои забележа една победа, на гости кај Фиверс (32-30), а загуби на домашен терен од Висла (27-28).
МЕЧЕВИТЕ НА МЕТАЛУРГ ВО ФЕВРУАРИ
Чеховски м. – Металург утре Металург – Тулуз вторник Металург – Висла 14.2 Висла – Металург 16.2 Металург – Чеховски м. 20.2 Фиверс – Металург 23.2
Comments