Металург треба да одигра седум меча за десетина дена
16.12.2020 Декември Среда
Металург денеска ќе излезе од карантинот во кој ги помина претходните 14 дена поради ковид-19 и сега му претстои вистински ракометен маратон. Во следните десетина дена тимот од Автокоманда ќе треба да одигра седум средби, шест во македонската Суперлига и еден во Лига Европа (ЛЕ).
– Коронавирусот ни направи сериозни пречки во натпреварувачкиот календар сезонава, така што сега по двонеделен карантин ќе се вратиме на терен и во период од 10 дена ќе одиграме шест меча од домашното првенство и еден меч од Лига на Европа. Факт е дека ќе биде тешко сите натпревари да се одиграат на посакуваното ниво, но без разлика на сѐ, ќе се потрудиме со комбинации и со ротации на играчите да ги зачуваме свежината и енергијата и секој меч да го одиграме најдобро што можеме – вели тренерот на Металург, Оливер Димитриоски.
Вечерва на програмата е дуелот во 7-то коло од домашното првенство на гости кај екипата на Бутел. Металург в петок (16 ч.) треба да гостува кај Еурофарм Пелистер (осмо коло), в недела (17 ч.) е дуелот со Работнички (11. коло), во вторник (18.45 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ со Фиверс, во четвртото коло во Лига Европа. Идната среда е дуелот во Скопје со Младост Богданци (12. коло), на 25 декември на гости со Тиквеш (13. коло), а серијата натпревари треба да заврши на 27 декември со средбата дома со Бутел (14. коло). Г.И.
Comments