top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Металург остави траен печат во македонското карате

16.05.2022 Maj Ponedelnik

СНЕЖАНА СИЉАНОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КАРАТЕ-КЛУБОТ МЕТАЛУРГ, КОЈ СЛАВИ 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

По одложување од три години поради пандемијата на коронавирусот, годинава карате-клубот Металург ќе го одбележи јубилејот – 50 години постоење и успешна активност. Клубот е формиран во 1969 година, во рамките на тогашниот Центар за спорт и рекреација при рудници и железарница „Скопје“, кој е и основач на клубот, а во состав на тогашното спортско друштво Металург. Иницијатор е Стефанчо Крстевски, кој е и прв тренер. Клубот ги одржува тренинзите во салата на ММУЦ „Панче Арсовски“ во Автокоманда, Скопје. Металург е повеќекратен првак на Македонија, а на меѓународни првенства, повеќе негови членови, бранејќи ги боите на Македонија, постигнаа повеќе врвни спортски резултати, од кои, секако, највредни се освоените медали од европските (ЕП), светските (СП), универзитетските првенства… во поединечна и во екипна конкуренција. Доволно е, меѓу другото, да се спомнат среброто на Иво Цветковски на ЕП за сениори во 2007 година во Братислава, бронзата на Огнен Груевски на ЕП во Атина во 2010 година, бронзата на Мартин Несторовски на ЕП за сениори во Истанбул во 2015-та и бронзата на Европските игри во Баку во 2015 година, а не изостанаа медали и во кадетско-јуниорската конкуренција, како и во дисциплината кати. Медали се освојуваа и на Универзијадите, ЕП за региони, Балканијадите… Од 2003 година, функцијата претседателка на клубот мошне успешно ја врши Снежана Сиљановска.

Какво е чувството да се биде на чело на клуб што слави 50 години од своето постоење, исполнето со мноштво медали, признанија, победи, успеси, на меѓународен и на домашен план? – Чувството е прекрасно и тоа тешко се искажува со зборови. Убаво е кога ќе видиш како наши членови освојуваат медали, се искачуваат на победничките подиуми, ги бранат клупските и репрезентативните бои на Македонија, а при тоа знаеш дека и ти си придонел со дел во сето тоа. Едноставно, горда сум што ја вршам оваа функција во вака успешен клуб, кој низ сиве овие изминати години остави траен печат во македонското карате и воопшто во македонскиот спорт. За тие успеси, секако, најзаслужни се самите каратисти и нивниот вложен долгогодишен труд преполн со пролеани капки пот. Но за да се стигне до таму, клубот мора да им создаде услови за тренинг, настап на многу натпревари, турнири, европски и светски првенства, каде што тие и ќе го стекнуваат потребното искуство на патот кон зацртаниот успех. Колку придонесе клубот од Автокоманда во македонското карате, почнувајќи од таа 1969 година до денес? – Секако, премногу. Уште од своите почетоци тој е водечки клуб во Македонија, а и првите карате-успеси се, всушност, врзани со него. Металург уште од самото формирање и постигнатите резултати, кои следуваа, будеше огромен интерес кај младите вљубеници во белите кимона, а најупорните и најподготвените продолжуваа и постигнуваа успеси. Кој е рецептот за ваквиот успешен развој и успеси на Металург? – До овој успех и постигнати резултати се стигна со работа и само работа, учество на многу натпревари и турнири, секако, и соодветно наградување за постигнатиот успех. А токму настапите на меѓународните турнири се и вистинско мерило, оти во Македонија, тие добро меѓусебно се познаваат. Иако минале мноштво членови низ клубот, сепак, најголемите успеси Металург ги постигнува токму од вашето доаѓање на функцијата претседателка на клубот во 2003 година, како и на спонзорот „Макстил“ со сопственикот Минчо Јорданов во 2004 година. – Апсолутно дека спонзорот Минчо Јорданов е многу заслужен за подемот и за успесите на Металург, оти без неговото финансирање потребно за подготовки и за настап на многубројните турнири во странство и дома, и резултатите ќе беа многу поскромни.

Сметате ли дека каратето заслужува да биде постојан олимписки спорт, а не само на последните ЛОИ во Токио? – Со тоа што повторно не е олимписки спорт по ЛОИ во Токио, сигурно дека на каратето му е направена огромна неправда. Тој е еден од најмасовните спортови во светот и апсолутно заслужува да биде дел од големото олимписко семејство. Светот се соочува со економска криза. Дали и колку тоа ќе се одрази на спортот, а со тоа и на каратето? – Секако дека економската криза ќе се почувствува и во спортот. Пандемијата прво си го стори своето со откажувањето или презакажувањето на многу турнири, а намалувањето на финансиските средства, исто така, ќе влијае и на намалување на настапите, пред сѐ, на меѓународните турнири. За жал, иако оваа светска економска криза нема брзо да биде надмината, што е негативно за спортот воопшто, клубот Металург сигурно и понатаму ќе постои, ќе се натпреварува, ќе настапува на турнири, ќе освојува медали, односно ќе ги остварува зацртаните планови во онаа мера колку што дозволуваат финансиските услови, со оглед на моментната економска криза што владее во целиот свет, па и кај нас. Што би им препорачале на идните млади спортисти што сакаат да тренираат карате? – Да дојдат во нашиот клуб и да почнат да тренираат карате, бидејќи спортот, покрај тоа што зближува, ги надминува животните пороци, а истовремено доведува и до изградување здрава личност, која ќе биде корисна и за општеството.

Јубилејот ќе биде одбележан со посебна прослава

Јубилејот 50 години постоење на КК Металург ќе биде одбележан в сабота, во хотелот „Континентал“ во Скопје, од 11 часот, со посебна прослава. На неа ќе присуствуваат гости и спортисти, ќе има изложба на фотографии на досегашните постигнати спортски резултати на КК Металург, потоа ќе биде прикажана проекција на краток филм за постоењето и за активноста на нашиот клуб, ќе има поздравни говори, доделувања златни и сребрени плакети, како и посебни признанија на заслужни членови на клубот, но и на сите оние што придонеле за досегашниот развој и за успех на клубот, вели претседателката на КК Металург, Снежана Сиљановска.


4 views

Hozzászólások


bottom of page