top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Металург – нашиот втор дом“

Повеќекратниот клупски карате-првак на Македонија, Металург, утре во Скопје ќе го одбележи јубилејот, 50 години постоење и успешна активност. Клубот е формиран во 1969 година (одбележувањето на јубилејот се одложи поради пандемијата на ковид-19), а во неговата богата домашна и меѓународна активност, боите на Металург ги бранеле голем број врвни каратисти/ки, кои на клупски и на репрезентативен план постигнале врвни резултати и освоиле повеќе медали. Од првите негови членови, Никола Грдановски-Нике, Драган Андоновски, Хари Ефтимовски, Горица Петрушевска, Александар Туфекчиевски, Јосиф Велковски, Бранко Здравковски, во далечната 1969 година, кога е и формиран клубот, па до сегашната генерација, во борби и во кати, во клубот тренирале огромен број каратисти и каратистки, а многумина во клупските витрини донеле повеќе поединечни и екипни медали од европските (ЕП), светските (СП), универзитетските, балканските, регионалните првенства…, во различни возрасни категории. Едни од нив се Мартин Несторовски и Огнен Груевски, кои повеќе години успешно ги бранеа боите на Металург и на македонската репрезентација. – Металург е нешто посебно. Тој не е обичен клуб, за мене тој е втор дом. Таму се чувствувам како дома и во него сите ние, неговите членови, сме како едно семејство, во кое владее големо другарство. Клубот имаше огромен придонес во градењето на мојата успешна спортска кариера и за сето време ми даваше огромна поддршка да истраам во моите зацртани цели кон кои се стремев.

А со оглед на тоа што ги имаше најдобрите каратисти, секогаш даваше голем придонес и во националниот тим. Како член на Металург многу години ги постигнав и моите најголеми спортски резултати. Секако, најдраг медал, а и еден од најдобрите што Македонија ги имала, е бронзениот медал што го освоив на првите Европски игри во 2015 година во Баку, Азербејџан. Потоа би ги спомнал бронзените медали на ЕП за сениори и на Светскиот куп, бев вкупен победник на престижната Премиер-лига во мојата категорија, а има и многу други медали од повеќе силни меѓународни турнири на клупски и на репрезентативен план – вели Несторовски. Каратето како спорт одигра многу афирмативна улога за Македонија, но и за самите натпреварувачи, кои токму преку него го пробиваа патот кон врвот. Тоа добро го знае и Огнен Груевски, поранешен член на Металург и стандарден репрезентативец на Македонија.

– Металург беше и остана мојот втор дом. Повеќе од 10 години бев член во него, почнувајќи од 2002-2003. До 2015 година активно се натпреварував за Металург и повеќето од моето време го минував во салата за тренинг отколку дома. Клубот многу придонесе за мојот афирмативен напредок на татамите и за сите спортски резултати што ги постигнав воопшто. Секако, голема благодарност и до спонзорот, оти без него немаше да ги постигнеме сите тие досегашни успешни резултати. Од позначајните мои остварувања би ги спомнал бронзениот медал на ЕП во Грција во 2010 година, а во 2012 година бев најдобар во категоријата до 84 кг во натпреварите на квалитетната Златна лига. Носител сум на бронзен медал од екипно ЕП за региони во Шпанија, сум бил балкански првак. Повеќекратен шампион сум на Македонија, а имам уште многу победи на меѓународни натпревари во мошне силна конкуренција – со задоволство се присетува Груевски на времето во Металург.


1 view

Comments


bottom of page