Меси предвиде каква иднина ги очекува Барселона и Реал по неговото заминување од Шпанија
Updated: Aug 13, 2021
12.08.2021 Avgust Cetvrtok
Лионел Меси ова попладне го одработи првиот тренинг со новите соиграчи од ПСЖ, но во јавноста се уште актуелни се низата интервјуа кои ги направи по комплетирањето на трансферот и промоцијата во текот на вчерашниот ден.
Угледниот весник „Ел Паис“ денеска ја откри содржината од комплетното интервју направено со Меси за време на неговиот прв ден како член на новиот клуб, а една од работите кои вредат да се издвојат е прогнозата која ја дава за двата најголеми клуба во Шпанија кои во последните години се потешко ги задржуваат своите ѕвезди.
Во еден ист летен преоден рок, Реал Мадрид ги загуби Серхио Рамос и Рафаел Варан, додека Барселона остана без најдобриот играч во својата историја.
– На крајот на краиштата, едно првенство е сочинето од тимови и клубови, а не од поединци. Во Шпанија и натаму остануваат Барселона и Реал Мадрид, а тука се и Севилја, Валенсија и Атлетико кои се навистина големи клубови. Клубовите секогаш опстануваат и се издигнуваат, а играчите само се менуваат.
– Ла Лига и натаму ќе остане големо и важно натпреварување и после мене. Си одеа и други големи имиња и клубовите останаа големи. На Реал Мадрид и Барселона ќе им биде тешко во наредниот период поради финансиските ситуации, но за неколку години ќе се адаптираат. Сигурен сум дека големите фудбалски ѕвезди ќе се вратат во Шпанија со текот на времето, – изјавил Меси за „Ел Паис“.
Comentários