Меси: Не знам дали ова е најдобрата година во мојата кариера, но беше посебна
01.12.2021 Dekemvri Sreda
ФУДБАЛ – АРГЕНТИНЕЦОТ ЈА ОСВОИ СЕДМАТА „ЗЛАТНА ТОПКА“
Аргентинецот Лионел Меси ја доби „златната топка“ за најдобар фудбалер за 2021 година во изборот на францускиот магазин „Франс фудбал“. Тоа е седма ваква награда за него во кариерата (2009, 2010, 2011, 2012, 2015, 2019 и 2021 година). Меси (34) ѝ помогна на својата репрезентација да триумфира на Копа Америка, што за него е прва меѓународна сениорска титула, и постигна 40 гола во 2021 година, 28 за Барселона, четири за Пари сен Жермен и осум за Аргентина. – Неверојатно е повторно да се биде тука. Пред две години мислев дека е последен пат. Луѓето почнаа да ме прашуваат кога ќе се пензионирам, но сега сум тука во Париз и многу сум среќен. Не знам дали ова е најдобрата година во мојата долга кариера, но беше посебна поради титулата со Аргентина на Копа Америка и победата над Бразил во финалето на стадионот „Маракана“ и славењето со луѓето во Аргентина – изјави Меси, кој доби 613 гласа. По примањето на наградата, Меси, кој летово од Барселона замина во ПСЖ, им се обрати на организаторите, посочувајќи им дека треба да ги вратат часовниците назад и да ја доделат наградата за лани. Пред една година, напаѓачот на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски, беше најголем фаворит за признанието, но поради пандемијата на ковид-19, „Франс фудбал“ воопшто не го додели.
Мала утеха за Левандовски, кој беше втор годинава според гласовите, 580, пред Италијанецот Жоржињо од Челси со 460 и Французинот Карим Бензема од Реал Мадрид со 239, е признанието за најдобар напаѓач на годината што се додели првпат. Тој годинава постигна 53 гола за Баерн во сите конкуренции. – Би сакал да го спомнам Роберт, ми беше вистинска чест да се натпреварувам со него. Заслужи да ја освои „златната топка“ во 2020 година – изјави Меси во обраќањето по добивањето на наградата. Италијанецот Џанлуиџи Донарума од ПСЖ, кој беше меѓу најзаслужните за триумфот на Италија на Европското првенство годинава, го освои трофејот „јашин“ за најдобар голман. Победникот во Лигата на шампионите (ЛШ), Челси, беше прогласен за клуб на годината. Играчот од средниот ред на Барселона, Шпанецот Педри (19), го освои трофејот „копа“ за најдобар фудбалер до 21 година. Кај фудбалерките, „златната топка“ ја доби Шпанката Алексија Путелјас (27), капитенката на Барселона, која првпат триумфира во ЛШ. Таа постигна еден гол во финалето со Челси (4-0), а ланската сезона ја заврши како најефикасна фудбалерка од средниот ред во Европа, со 26 погодоци во сите конкуренции. На листата по Путелјас (186 гласа) беа нејзината сонародничка и клупска колешка Џенифер Ермосо (84) и Австралијката Сем Кар (46) од Челси.
ФУДБАЛЕРИ СО НАЈМНОГУ „ЗЛАТНИ ТОПКИ“
Лионел Меси 7 Кристијано Роналдо 5 Мишел Платини 3 Јохан Кројф 3 Марко ван Бастен 3 наградата се доделува од 1956 година
ПОБЕДНИЦИ ЗА 2021 ГОДИНА НАГРАДЕНИ ТРОФЕЈ
Лионел Меси „златна топка“, за најдобар фудбалер Алексија Путелјас „златна топка“, за најдобра фудбалерка Роберт Левандовски најдобар напаѓач Џанлуиџи Донарума „јашин“, за најдобар голман Педри (19) „копа“, за најдобар фудбалер до 21 година Челси најдобар клуб за 2021 година
Comments