Меморандум за соработка меѓу „Вардар филм“ и Филмскиот центар Сараево
Меморандум за соработка потпишаа „Вардар филм“ од Скопје и Филмскиот центар од Сараево.
„Во изминатиот период, се одвиваа низа состаноци и редовна комуникација со раководството на Филмскиот центар Сараево, Босна и Херцеговина, каде што се увидоа сличностите и можностите за потенцијални проекти меѓу двете институции. Ова залагање се финализира и официјално со потпишување меморандум за соработка, меѓу НУФЦ ‘Вардар филм’ Скопје, претставуван од директорот Сани Саиди, и Филмскиот центар Сараево, претставуван од директорката Инес Тановиќ, со што симболично се означува почетокот на соработката меѓу двете институции во филмската дејност, на регионален и на меѓународен план“, соопштуваат од „Вардар филм“.
Како што истакнуваат оттаму, со овој меморандум се овозможува и иницира долгорочна и продлабочена соработка во делот на: зајакнување на меѓуинституционалните односи и приближување на кинематографијата на двете земји; создавање нови можности за промовирање на двете кинематографии; размена на најдобрите искуства и практики; иновативни идеи, кои водат до развој на локално и на регионално ниво; трансфер на знаењата и подобрување на услугите во филмскиот сектор на двата филмски центра; заедничко развивање различни едукативни програми наменети за персоналот, филмските работници, со особен фокус на младите кадри и подготовка и реализација на заеднички проекти во филмската дејност, а воедно и заедничко аплицирање на регионално ниво.
„По одредената динамика на реализирање на договорените проекти и заедничкото дејствување во духот на потпишаниот меморандум, се разговараше и за можни проекти во соработка со нашата амбасада, здруженијата на нашите сонародници во БиХ и ‘Вардар филм’, во делот на прикажување македонски филмови и други слични програми, а со тоа враќање на сеќавањата и приближување на татковината до нашите сонародници што работат и живеат во Босна и Херцеговина. За оваа цел, се прават напори првиот заеднички проект да се реализира напролет следната година“, додаваат од „Вардар филм“.
コメント