Медитеранот во Дојран, светлините на астерот во Струмица
Од 5 до 7 август, во Стар Дојран, за првпат ќе се одржи Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“, кој ќе понуди девет исклучителни кратки филма од осум медитерански земји, со актуелни теми кои се раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот. Под мотото „Светлините на астерот“, од 5 до 9 август, во Струмица, пак, ќе се случува 17. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, кој ќе биде отворен со блок составен од седум ексклузивни кратки играни филма
Во Дојран и во Струмица, утре (5 август), стартуваат филмски фестивали кои ќе ја запознаат македонската јавност со актуелните остварувања од Европа и од светот. Од 5 до 7 август, во Стар Дојран, по иницијатива на филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи, за првпат ќе се одржи Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“. Според организаторите, се работи за фестивал на медитеранскиот и на европскиот филм и автори што живеат или потекнуваат од медитеранските и од европските земји, и е прв од ваков формат во Македонија. Со филмот „А ла карт“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис од Грција, стартува главната натпреварувачка програма, која до 7 август ќе понуди девет исклучителни кратки филма од осум медитерански земји, со актуелни теми кои се раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот. Следуваат филмовите: „Пресуда“ на Дора Јунг од Србија, „Марко“ на Марко Шантиќ од Хрватска, „Виножито“ на Александар Вујовиќ од Црна Гора, „Криминалци“ на Серхат Караслан од Турција, „Што не знаеме за Маријам на Морад Мостафа од Египет, „Светиот син“ на Аљоша Масине од Италија и „Поглед од балкон“ на Арис Капланидис од Грција. Публиката ќе има можност да го види и краткиот македонски филм „Перики“ на Ангела Димеска.
– Покрај главната програма, во склоп на фестивалот ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји кои се истакнале по особениот пристап на темата кој нуди нов поглед на нештата, кој го поттикнува дијалогот помеѓу различните култури, општествени групи, нации. Дел од програмата е и мастеркласот на тема „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Докажаниот скрипт-консултант од Англија Џон Стивенс ќе го води мастеркласот – посочуваат организаторите.
Меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција, ќе биде предводено од истакнатиот грчки режисер Василис Мазоменос, а членови на жирито се Гоце Кралевски, продуцент и Ева Камчевска, сценарист од Македонија.
Под мотото „Светлините на астерот“, од 5 до 9 август, во Струмица, пак, ќе се одржи 17. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. На отворањето ќе биде прикажан блок составен од седум ексклузивни кратки играни филма: македонскиот „Северен пол“ (со Антонија Белазелкоска и Лука Митев) на Марија Апцевска, црногорскиот „Божилак“ на Александар Вујовиќ, австралискиот „Ајкула“ на Наш Едгертон, данскиот „Во мојот ум“ на Мартин Странџ Хансен, американскиот „Писмарницата“ (со Оскар Исак) на Елвира Линд, иранскиот „Сведок“ на Али Асгари и белгиско-францускиот „Титан“ на Валери Карној.
Втората вечер ќе биде прикажан блокот со кратки документарни филмови: полскиот „Балконски концерт“ на Diana и Krzysztof Kadłubowski, шкотскиот „Поглед на заливот“ на Даниел Кук, косовскиот „Раселени“ на Самир Карахода, молдавскиот „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова, како и американскиот „Кралицата на кошарката“ на Бен Праудфут. Фестивалот продолжува со анимираните филмови: британско-полскиот „Домашар“ на Ewa Smyk, чешкиот „Мравкин рид“ на Марек Напрстек, словенечкиот „Стекџилница“ на Спела Кадез, бугарскиот „Вљубени черупки“ на Свилен Димитров, мексиканскиот „Тио“ на Хуан Хозе Медина и данскиот „Џелатот дома“ на Ури и Мишеле Кранот.
Четвртата вечер е предвидена за проекција на остварување во чест на годинашниот лауреат на наградата „Астер“, Желимир Жилник, легендата на југоисточноевропскиот филм, автор на низа култни филмови, меѓу кои и „Рани трудови“ за кој ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин. Филмот на еминентниот автор од Белград Јанко Балјак е насловен „Журнал за Желимир Жилник“. За затворањето на 9 август, ќе има специјална премиера на најновиот македонски документарец „Трн“ на Никола Пијанманов (сценарио) и Столе Ангелов (кинематографер и монтажер). Се работи за суптилна и моќна филмска приказна за актерот и граѓански борец и активист Стојан Трн Велков. Дизајнот на звукот е на Ставро Ангелаков, а во филмот, покрај Трн, учествуваат и Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова и Дејан Ангелов, кој е и уметнички соработник на проектот. Стручното официјално жири кое ќе ги оценува филмовите е составено од Мими Ѓоргоска, Владимир Перовиќ, Мимоза Рајл и Столе Ангелов. Вечерните проекции започнуваат од 20:30 часот, во летниот Амфитеатар во Градскиот парк, а придружните настани ќе бидат во Europe House Струмица. (Д.Т.)
Comentarios