top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Медална скулптура на Надја Розева во Чифте амам

05.04.2024 April Petok

На 11 април 2024 година, четврток, во 19.30 часот, во Чифте амам ќе биде отворена изложба на уметнички медали и други дела на Надја Розева. Медалните скулптури се создадени помеѓу 2003-2024 година. Ова е прва изложба од ваков вид во нашата земја и ќе го насочи вниманието на јавноста кон интригантниот жанр на уметничкиот медал. Розева во својата изложба вклучи еден од архитектонските и културни симболи на Скопје – старата „Пошта“, со идеја да го насочи вниманието на јавноста кон итната потреба од нејзино реставрирање. Изложбата ќе трае до 7 мај 2024 година.

Розева е уметник и дизајнер, кој работи во областа на медалната скулптура, јувелирството и продукцискиот дизајн. Таа е студентка на проф. Богомил Николов, кој од неодамна е прогласен за почесен доктор на Националната академија на уметностите (НХА) во Софија и е добитник на најпрестижната светска награда за медална скулптура на Американското нумизматичко здружение „Салтус“. Розева почнала да изработува медална скулптура пред повеќе од 20 години по завршувањето на постдипломските студии по маркетинг на Универзитетот „Рутгерс“ во Њу Џерси, САД. Во 2003 година таа беше поканета да учествува на работилницата за медална скулптура на проф. Николов во студиото за медална скулптура во Националната академија на уметностите (НХА). Работела од далечина под негов надзор неколку години, а потоа магистрирала на одделот „Медал“ на НХА. Розева има неколку специјализации за издаваштво на Универзитетот во Њујорк – New York University (2000), Културна дипломатија (International Institute for Cultural Diplomacy), Берлин (2015), Културен менаџмент на Виена унивезитет – Wien Univesitat (2019). Во текот на времетраењето на изложбата Надја Розева ќе има презентација и ќе одржи предавање за жанрот на уметничкиот медал, како и работилница со студенти од разни универзитети.

Делата на Надја Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, Шведска, музејот „Берген“ на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија, Софија, Бугарија, Музејот на монети и медали во Кремница, Словачка итн.

Медалот почнал да се изработува како независна форма на уметноста во 15 век, при што италијанскиот сликар Пизанело (околу 1395-1455) се смета за негов татко. Медалот нема парична вредност, но историски е поврзан со монетите. Медалот е уметност за допирот на раката. Се колекционира во целиот свет и од приватни колекционери и од музеи и галерии, а најголемите колекции се наоѓаат во Британскиот музеј, музејот „Викторија и Алберт“ Музејот на историјата на уметноста, Виена, Националната галерија на уметноста, Вашингтон и многу други.

За време на првиот карантини во времето на епидемијата, Розева напиша сценариja и го продуцира краткиот документарен филм „Медалот“, кој исто така ќе биде прикажан на изложбата. Филмот има цел да ја запознае јавноста со уметноста на медалот, што е нејзина мисија во изминатите 20 години.

Престижниот меѓународен филмски фестивал Master of Art го избра филмот „Медалот“ за отворањето на неговото пролетно издание во 2021 година. Надја Розева е автор и на големата награда на бугарскиот филмски фестивал „Златна роза“ на Националниот филмски центар. Како бижутер таа ги создаде сребрените брошеви за Women’s Business Forum на списанието „Форбс“ (2022, 2023), сребрениот брош за поддршка на жените жртви на семејно насилство на Фондацијата Emprove (2023) итн.

Надја Розева е автор на повеќе самостојни изложби и многубројни учества на групни изложби на Сејшели, во Софија, Колорадо Спрингс, Медисон, Њу Хевен, Темпе, Глазгов, Лувен, Отава, Токио, Фиренца, Братислава, Кремница итн.

Таа е член на ФИДЕМ – Меѓународната федерација на уметничките медали, како и почесен член на Словачкото здружение за медалите.


0 views

Comments


bottom of page