„Меани“ и „…“ на Кузман Кузмановски – брутално искрено сведоштво на вештиот раскажувач
Романот „Меани“ во издание на „Полица“ е излезен од печат токму пред Саемот на книгата во Скопје, а малку пред тоа беше испечатена и неговата збирка поезија насловена со интерпункцискиот знак „…“ (три точки) во издание на „Академски печат“. Токму насловите на овие две дела на режисерот и писател Кузмановски успеаја да ја заинтригираат читателската публика, која деновиве со голем интерес ја проследи промоцијата на двете книги
– Исклучително дело кое актуализира теми од нашето сега и овде, или можеби од нашето некогаш и таму, од времето на културната боемија, кога меаната дорасна до ранг на – културна институција… – вака накратко беше започнато претставувањето на книгата „Меани“ од Кузман Кузмановски, на промоцијата што се случи деновиве, пред македонските читатели. Романот „Меани“ во издание на „Полица“ е излезен од печат токму пред Саемот на книгата во Скопје, а малку пред тоа беше испечатена и неговата збирка поезија „…“ (три точки) во издание на „Академски печат“. Токму насловите на овие две дела на режисерот и писател Кузмановски успеаја да ја заинтригираат читателската публика, која со голем интерес ја проследи промоцијата на двете книги.
– Романот „Меани“ од авторот Кузман Кузмановски е вистинско освежување во нашиот културен простор. Станува збор за инвентивно дело од т.н. нова проза, кое не им се покорува на жанровските рамки и слободно може да се нарече „амалгам“ или „хибриден“ книжевен вид. Од него искрено ќе проговори вештиот раскажувач, мајсторот на живите куси реплики, драмскиот искусник за заплети, пресврти и драмски елементи, есеистот кој размислува, мудрецот од кој истекува филозофска „река“… Ова е возбудлив роман, со интересна и жива фабула – вели, меѓу другото, рецензентката проф. д-р Кристина Николовска.
А романот, како што вели Николовска, расте низ деловите: „Алтан“, „Панталони“ (претставен на промоцијата преку актерскиот перформанс на Катерина Илиевска-Силјановска и Роберт Ристов), „Хуманитарец“, „Икебана се јави“, „Механичарот“, „…љубов или смрт“, „Страсти“, „Роднини“, „Раскинувања“, „Синови“, „Ковчези“, „Убиства“, „Секс и лаги“, „Солзи и мириси“, „12:42“, „Погреби“.
– Делото е сосема актуелно, ново, и по тема и по израз. Во делото, некои од ликовите носат маски поради (како што вели авторот) „корона-хистеријата“, некои запаѓаат во криминал со дрога, некои во други проблеми, прекршоци, аномалии и перверзии. Подземјето, како слика на нашето милје, си работи и дејствува на повеќе нивоа и во повеќе сфери на животот, поткопувајќи ги суштинските и подзаборавени вредности. И некако сè се врти околу две централни теми: љубовта и смртта, како вечни инспирации. Преку нив, но и преку повеќе поттеми, се развиваат сториите на ликовите кои пред нас се уверливи, наполно оживеани и полнокрвни. Стилот е сосема близок на нашата актуелна денешница, сосема препознатлив за нашето градско милје, ликовите се уверливи, сосема блиски до нас… Преку ова дело, Кузмановски го доживуваме како модерен, свеж, инвентивен, поинаков, оригинален и наполно свој. Брутално искрен, директен, офанзивен како пристап, тој умее да нè заинтригира и да создаде дело во дослух со актуелните тенденции во прозата на светот… – додава Николовска.
Самиот автор, Кузман Кузмановски, кој инаку е и драмски автор, писател за деца, автор на пиеси за деца, раскази за деца, драми, ТВ-серии за деца, монографија (со филмски есеи), магистер по филмска уметност, режисер во продукцијата на актуелното филмско училиште „Тинтири минитири“, член на Друштвото на писателите на Македонија… за овој свој роман во образложението ќе каже дека е хибридно писание кое може да се дефинира како „роман во раскази“ иако на крајот завршува со сценарио за кус филм кое произлегува од самата содржина.
– Меаните се сведоштво на спомените, место каде што се овистинува латинската in vino veritas и покрај напорот на современиот човек да ги потисне своите чувства, тие поттикнуваат напати брутални дејанија. Ликовите во романот „Меани“ се израснати на скопскиот асфалт, во време кога урбаното витештво замира. Сега – денес, во својата зрелост кога природно би требало да го пожнеат она што го посеале, останале само брутализмот и жестокоста – вели Кузмановски, кој е автор и на поетската збирка „…“ (три точки).
Токму за оваа прозна книга писателот Александар Прокопиев ќе каже дека прво што како читатели нè привлекува од стиховите на Кузман е неговата умешност во владеењето со зборовите.
– Во најновата поетска стихозбирка на Кузмановски се соочуваме со еден изразито индивидуален и сопствен поетски свет. Кузмановски работи на потрагата по некоја важна смисла, таа смисла во оваа книга е смисла по егзистенцијални и суштински нешта – вели Прокопиев.
За Горјан Петрески, пак, „…“ претставува возбудливо визуелно поетско патување кое трае долго, а се чита во еден здив.
– Осмата литературна рожба на Кузмановски насловена со интерпункцискиот знак … (три точки) структурално е поделена во три циклуси: „Слобода“, „Заповеди“ и „Пророштва“. Во „…“: Слободата неретко е борба, Заповедите се можност, а Пророштвата се средба на иманентната и онтолошката стварност – посочи Петрески кој ја нарече збирката луцидна поезија, препорачувајќи им ја на читателите токму поради „иновативниот поетски приказ и специфичниот светоглед што во оваа книга го создава Кузман Кузмановски“. (Д.Т.)
Comments