Мбапе: Убеден сум дека тука можам да продолжам да напредувам
ФУДБАЛ – НАПАЃАЧОТ ОСТАНУВА ВО ПСЖ
Килијан Мбапе (23) потпиша нов тригодишен договор со францускиот фудбалски првак Пари сен Жермен, до 2025 година. Мбапе изјави дека е „многу среќен“ што останува во ПСЖ. – Убеден сум дека тука можам да продолжам да напредувам во клуб што вложува максимум за да настапува на највисоко ниво. Исто така, многу сум среќен што можам да продолжам да играм во Франција, во земјата во која сум роден, каде што пораснав и се афирмирав – изјави Мбапе. Тој пристигна во ПСЖ во август 2017-та од Монако на заем на една сезона и во меѓувреме во пет сезони освои четири титули во Лига 1. Стариот договор му истекува во јуни. Сезонава тој е прв стрелец во Лига 1, со 28 гола и 17 асистенции, на 35 натпревари. На оваа вест од Франција реагираше шпанската Ла лига и најави дека ќе поднесе жалба до Европската фудбалска унија, до француските власти и до Европската Унија. Мбапе пред неколку месеци наводно го договорил финансискиот пакет со Реал Мадрид за преселба во Шпанија, но, сепак, одлучил да не му се приклучи на тимот на Карло Анчелоти. – Овој вид договор ја загрозува економската одржливост на европскиот фудбал – се вели во соопштението на Ла лига, во кое се додава дека „стотици илјади работни места и спортскиот интегритет се во опасност на среден рок, не само во европските натпреварувања туку и во домашните лиги“.
Comments