Мбапе во просек на секој меч е инволвиран при постигнувањето гол
- Aleksandar Santovski
- Feb 17, 2022
- 2 min read
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Килијан Мбапе го постигна единствениот гол на мечот ПСЖ – Реал Мадрид (1-0) во судиското дополнување на времето, во 94-та минута, во првиот осминафинален меч во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Претходно Тибо Куртоа му го одбрани пеналот на Лионел Меси во 62. минута, по прекршокот врз Мбапе. Сето тоа е добра најава за нови возбудувања и неизвесност на реваншот во Мадрид, во март. – Како и целиот тим, и јас бев во вистинскиот ритам. Се обидов да му помогнам на тимот најдобро што можам, да бидам ефикасен и во нападот и во одбраната. Бев награден со голот, многу сум среќен – изјави Мбапе, кој постигна 90 гола на 102-та меча во дресот на ПСЖ. За Мбапе тоа беше 13-ти гол на претходните 13 меча во ЛШ, вкупно 22. сезонава. Реал играше дефанзивно, за малку ќе извлечеше реми, а за тоа како тренерот Карло Анчелоти ја имаше поставено играта говори податокот дека неговите избраници не успеаја да упатат ниту еден удар кон голот, вторпат од сезоната 2003/2004. Претходно тоа им се случи на мечот со ПСЖ во септември 2019 година. Мбапе е директно вклучен при постигнувањето на најмалку еден гол на претходните седум натпревари во ЛШ (пет гола и четири асистенции), израмнувајќи го својот и францускиот рекорд (претходно и во периодот од мај до декември 2017 година), откако Опта бележи вакви податоци, од сезоната 2003/2004 во ова натпреварување. Мбапе е инволвиран во постигнувањето на 52 гола на 52-та натпревари во ЛШ (32 погодока и 20 асистенции).
Гвардиола: Можеме и подобро
Манчестер сити ја потврди фаворитската улога за титулата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава, со победата над Спортинг на гости со 5-0. Ова е најубедливата победа на гостински тим во нокаут-фаза на ЛШ. Манчестер сити стана првиот тим во историјата на ЛШ што победил на пет гостувања по ред во нокаут-фазата и 14-от што постигнал 200 гола во ЛШ, но на само 97 меча, најмалку од сите други тимови. – Повеќе од одушевен сум. Ова е како сон, совршен резултат, многу добар за реваншот, но ние можеме и подобро. Бевме прецизни, гол, пак гол, гол. Но мораме подобро кога ја имаме топката кај нас. Едно од правилата е кога ја имаш топката обиди се да му ја додадеш некому во ист дрес. На овој меч непотребно ја изгубивме топката многу пати – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити.

Comments