„Мајчинство“ – дела на повеќе генерации автори во Чифте-амам по повод Меѓународниот ден на жената
Изложбата, која ќе биде поставана во Чифте-амам, вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица, па сè до новите медиуми. Таа е селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија
По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Националната галерија, веќе традиционално, организира тематска изложба посветена на овој празник, воедно, испраќајќи честитка до сите жени. Овогодишната изложба од колекцијата на Националната галерија е насловена „Мајчинство“ и ќе биде поставена во Чифте-амам.
„Изложбата претставува селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации ликовни автори, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија. Изложбата вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица, па сè до новите медиуми. Темата е застапена преку повеќе ликовни техники и принципи на ликовно изразување како масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс, таписерија. Скулптурите кои се дел од оваа изложба се изведени во техниките на теракота, гипс и бронза“, ќе посочи Елена Иванова, куратор на изложбата.
На оваа изложба ќе можат да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата генерација основоположници меѓу кои: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирмацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и др. Воедно застапени се и примери од авторите кои припаѓаат на Југословенската збирка меѓу кои: Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др. Оваа презентација ќе ѝ овозможи на публиката да види ликовни остварувања од првите самоуки сликари, академски образовани уметници, како и автори од поновите генерации.
„Ликовната поставка ќе ѝ биде достапна на јавноста во импозантниот простор на Чифте-амам во текот на март и ќе ѝ понуди, веруваме, уште еднаш, вистинско ликовно уживање со делата на реномирани автори во кои е прикажано мајчинството“, додава Иванова.
8 Март е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Идејата за посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20 век, а за неа особено е заслужно социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година, под закрила на Втората интернационала во Копенхаген, е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените низ Европа одржувале мировни собири. По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 Март првпат е прогласен за државен празник. На Запад, одбележувањето на 8 Март повторно оживело во 1960-тите заедно со растежот на феминизмот. Повеќе од половина век борба за родова еднаквост ја произведе Одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената.
Comments