Мајк Тајсон вмешан во расправија во авион
Легендарниот боксер Мајк Тајсон бил вмешан во тепачка со друг патник во авион на меѓународниот аеродром во Сан Франциско во средата (21 април), потврди неговиот портпарол за ЕСПН. ТМЗ објави видео на кое се гледа како Тајсон го удира патникот, кој седел зад него и кој претходно се обидувал да го привлече вниманието на Тајсон. Патникот потоа на видеото е прикажан со крвави расеченици на главата. Тој бил во алкохолизирана состојба и се обидувал да го провоцира поранешниот светски шампион. Портпаролот на Тајсон изјави за ЕСПН: „За жал, господинот Тајсон имаше инцидент во авион со агресивен патник, кој почнал да го вознемирува и го гаѓал со шише вода додека бил на своето седиште“. Инцидентот се случил пред летот од Сан Франциско до Флорида. Полицијата во Сан Франциско изјави за ЕСПН дека полицајци биле испратени по дојавата за физичка пресметка во авион во четвртокот. „Едно од двете лица доби повреди, но даде минимални детали за инцидентот и одби да соработува понатаму со полициската истрага“. Тајсон на крајот отпатува за Мајами, каде што беше фотографиран во ноќен клуб со поранешната боречка ѕвезда Рик Флер, кој ја сподели фотографијата на „Твитер“.
Comments