top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Маја Вељковиќ Пановска е нова в.д. директорка на Драмскиот театар

Актерката Маја Вељковиќ Пановска е новата в.д. директорка на Драмскиот театар – Скопје. Таа доаѓа на местото на досегашната директорка Катарина Коцевска Хаџи Василева, која се повлекува од лични причини.

Маја Вељковиќ Пановска дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1993 година. По дипломирањето реализира повеќе улоги на сцените на повеќе театри низ Македонија. Од 1999 година е вработена во Драмскиот театар – Скопје. Со своето богато професионално искуство, Маја Вељковиќ Пановска несомнено ќе даде значителен придонес во реализацијата на програмата за работа и унапредување на театарската дејност во националната установа.

Од театрографијата на Маја Вељковиќ Пановска може да се издвојат улогите на: Антонина („Земјомерот“, 2000); Јованка Орлеанска („Јованка Орлеанска“, 2000); Марија („Војцек“, 2001); Маре („Тетовирани души“, 2002); Елена („Сон на летната ноќ“, 2001); Порција / Полониј / Гертруда / Првата вештерка (Собрани дела Шекспир, 2002); Јелена („Комшилук наопаку“, 2007); Мими („Грев или шприцер“, 2011); Фонсија Дорси („Партија реми“, 2018); Јоана Дорек („Чудесна терапија“, 2019); Газдарицата („Птица со главата меѓу нозе“, 2021) и многу други. Во филмографијата се забележени улогите на: „Последниот валцер“ (2000); „Големата вода“ (2004); „Бардо“ (2012); „Незрели цреши“ (2015). Добитничка е на наградата „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер за улогата на Жената во претставата „Духот на лименката“ на „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1999); како и на наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата на Маре во претставата „Тетовирани души“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 2002) и други.


2 views

Comments


bottom of page