top of page

Мај спејс се враќа? Сопствениците најавија „оживување“ на омилената мрежа на миленијалците фото и видео

05.08.2026 Avgust Sreda

Некогаш најголемата социјална мрежа во светот, Мај спејс, би можела повторно да оживее. Крис и Тим Вандерхук, чија компанија ја купи платформата во 2011 година, потврдија дека планираат повторно да ја активираат, но засега не откриваат кога тоа ќе се случи и како ќе изгледа нејзината нова верзија.

Браќата за своите планови зборуваа во документарниот филм Мај спејс на режисерот Томи Авалоне.„Сè уште сме сопственици на Мај спејс и повторно ќе ја активираме платформата. Само го чекаме вистинскиот момент“, изјави Тим Вандерхук.

Иако оваа најава ги разбуди носталгичните спомени кај многумина, засега нема информации за датумот на повторното лансирање, развојниот план или за тоа кои од препознатливите функции би можеле да се вратат. Во моментов, враќањето на Мај спејс е повеќе најава отколку готов производ.

Пад во сенка на Фејсбук

Мај спејс беше основан во 2003 година од Том Андерсон и Крис Девулф, а за кратко време прерасна во една од најпопуларните социјални мрежи на интернет. Во јули 2006 година беше најпосетуваната веб-страница во САД, оставајќи ги зад себе Гугл и Ибеј, потсетува „Машабл“.

Корисниците можеа целосно да ги персонализираат своите профили со HTML и CSS, да менуваат позадини и фонтови, да додаваат анимирана графика и да избираат песна што автоматски ќе се репродуцира при посетата на нивниот профил.

Музиката беше во срцето на платформата. Голем број музичари преку Мај спејс ги објавуваа своите песни и директно комуницираа со публиката, многу пред стриминг-сервисите да станат главен начин за откривање нова музика. Меѓу изведувачите чии почетоци се поврзуваат со платформата се Адел, Лили Ален, „Арктик манкис“ и Калвин Харис.

Компанијата „Њуз корп“ во 2005 година го купи Мај спејс и неговата матична компанија „Интермикс медија“ за околу 580 милиони долари.

Сепак, со растот на Фејсбук, популарноста на Мај спејс почна нагло да опаѓа. Платформата помина низ повеќе промени во сопственичката структура и неколку редизајни, но не успеа да ги задржи корисниците. Во 2011 година беше купена од компанијата „Спесифик медија“ и поп-ѕвездата Џастин Тимберлејк за, според медиумските извештаи, околу 35 милиони долари.

Неуспешен обид за враќање

Новите сопственици во 2013 година претставија редизајнирана верзија на „Мај спејс“, насочена кон музиката, но тој обид не успеа да ја врати некогашната бројна публика.

„Навистина се обидовме да ја модернизираме платформата, но во тој момент тоа веќе беше поинаква компанија. Тоа повеќе не беше истиот „Мај спејс““, изјави Тим Вандерхук во документарецот.

Обидот бил и финансиски скап. Браќата Вандерхук велат дека по преземањето на компанијата многу огласувачи ги раскинале договорите, а тие проценуваат дека изгубиле повеќе од 150 милиони долари во обидите повторно да ја изградат платформата. Сепак, тоа не ги обесхрабрило.

„Ако следното повторно лансирање не успее, едноставно ќе се обидеме повторно“, вели Тим Вандерхук.

Што би понудил новиот Мај спејс?

Засега не е познато дали новата верзија ќе го оживее препознатливиот концепт на старата платформа или ќе се приближи до денешните социјални мрежи. Токму тоа би можело да биде клучно за успехот – дали корисниците ќе сакаат повторно да го користат Мај спејс или само со носталгија ќе се сеќаваат на него.

За разлика од денешните платформи, стариот Мај спејс им овозможуваше на корисниците целосно да ги персонализираат своите профили и најчесто им прикажуваше објави од луѓето што самите ги додале во својата мрежа на контакти.

Во меѓувреме, истражувањата покажуваат дека сè повеќе корисници се незадоволни од изгледот на своите почетни страници на современите социјални мрежи.

Студија на Институтот за истражување на јавни политики од 2026 година, во која учествувале 1.000 корисници на социјални мрежи, покажала дека само 18 проценти од содржините во нивните почетни страници доаѓале од луѓе што навистина ги познаваат. Инфлуенсерите, јавните личности и препорачаните содржини сочинувале 35 проценти, додека рекламите и брендираните објави уште 29 проценти. Истражувачите заклучиле дека платформите сè повеќе им даваат предност на функциите што го задржуваат вниманието на корисниците и на кратките видеа, а сè помалку на социјалното поврзување.

Сличен тренд покажува и истражување на компанијата „Делоит“ од 2026 година. Според него, 70 проценти од испитаниците во Ирска сметаат дека поминуваат премногу време на мобилните телефони, а речиси една четвртина избришале барем една апликација за социјални мрежи. Најчеста причина била потребата од одмор од дигиталниот свет, а потоа прекумерното користење и големиот број реклами и спонзорирани објави.

Сепак, тоа не значи дека корисниците со нетрпение го очекуваат враќањето на Мај спејс. Доколку повторно биде лансирана, платформата ќе треба да се натпреварува со Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Икс, Тредс, Блускај и другите социјални мрежи кои веќе се борат за вниманието на корисниците.

Она што најчесто се споменува како желба на поранешните корисници е поголема контрола врз содржините што им се прикажуваат, можност за персонализирање на профилите и повеќе објави од вистинските пријатели.

Во меѓувреме, и Том Андерсон, попознат како „Том од Мај спејс“ – првиот „пријател“ на секој нов корисник на платформата – навести можен камбек. Во јануари на Тредс напиша дека ќе разговара за оживување на Мај спејс доколку неговиот профил достигне еден милион следбеници. Според „Параде“, објавата, која подоцна беше избришана, за само еден ден собра речиси 15.000 допаѓања и повеќе од 2.000 коментари.

Сепак, Андерсон ја продаде компанијата уште во 2005 година и не е вклучен во актуелните планови на браќата Вандерхук.

Дали Мај спејс навистина ќе успее да ја врати старата слава останува неизвесно. Но, едно е сигурно – неговото име и понатаму буди силна носталгија кај генерацијата која ги направи првите чекори на социјалните мрежи.


 
 
 

Comments


bottom of page