Матурски концерт на пијано на Исидора Ангелеска
Матурски концерт на пијано ќе одржи младата пијанистка Исидора Ангелеска на 25.јуни од 20 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“. На програмата се дела од Бах, Бетовен, Шуберт, Рахмањинов.
Исидора Ангелеска на 8-годишна возраст започнува да посетува часови по пијано во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка, и настапува на нејзините први концерти и натпревари. Во 2017 година го завршува своето основно музичко образование во класата на проф. Христина Никоска и се запишува во Државното музичко училиште во Битола. Оваа година таа матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска.
Учествува на национални и меѓународни натпревари во соло изведба, камерна музика и пијано дуо. Ангелеска редовно настапува на концерти организирани од училиштето, вклучувајќи ја и традиционалната „Шопенова вечер“, организирана од Полската амбасада. Има учествувано на семинари одржани од д-р Ана Гацева (Македонија), проф. Јури Кот (Украина), проф. Рустам Рахмедов (Турција), проф. Масако Сакаи (Германија).
Comments