„Матица македонска“ ја организира најголемата книжевна прослава на љубовта досега
10.06.2024 Juni Ponedelnik
Во чест на 90-годишнината од раѓањето на авторот на „Дениција“, Петре М. Андреевски, следната недела книгоиздавателството „Матица македонска“ ќе ја организира најголемата книжевна прослава на љубовта досега.
В среда, со почеток во 19 часот, во Паркот на книгите на „Матица ексклузив“, ќе се одржи големата промоција на книгата „Македонска љубовна лирика“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, и двајцата од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На настанот стихови ќе интерпретира актерот Роберт Вељановски, а ќе има и музичка програма на Драган Мијалковски.
„Македонска љубовна лирика“ е книгата што ни ја враќа вербата дека и во нашето време може вистински да се љуби и македонската поезија да се чита со страст. Станува збор за најобемниот тематски избор од современата македонска поезија, во кој на речиси 500 страници се поместени приближно 350 најубави љубовни песни од македонски современи поетеси и поети од сите генерации.
Ова издание, единствено од ваков формат и поинакво од сите други објавени претходно, е книга што потврдува дека нема поголема движечка сила од љубовта што може да ги обедини разните генерации, поетики и писма, поетеси и поети. Но, и која ја покажува моќта на македонскиот јазик. Затоа се очекува нејзината промоција да нè обедини сите.
Comments