top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Маск: Вградивме чип во човечки мозок

02.02.2024 Februari Petok

Милијардерот Илон Маск вели дека неговата компанија „Неуралинк“ за првпат успешно вградила еден од своите безжични чипови во човечки мозок.– Првичните резултати покажуваат ветувачки нервни импулси и пациентот добро закрепнува – објави Маск.

Целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите и да помогне во решавањето на сложените невролошки состојби. Голем број конкурентски компании веќе имаат инсталирано слични уреди, пренесува „Би-би-си њуз“. Во мај, компанијата на Маск доби дозвола од ФДА да го тестира чипот на луѓе, што е критична пресвртница. Ова даде зелено светло за почеток на шестгодишното истражување.

Според „Неуралинк“, пациентите што ќе учествуваат во студијата ќе имаат хируршки чип поставен во делот од мозокот што ја контролира намерата за движење. Чипот, кој ќе го инсталира роботот, потоа ќе снима и ќе испраќа мозочни сигнали до апликацијата, со првична цел да им овозможи на луѓето да го контролираат курсорот на компјутерот или тастатурата користејќи ги само своите мисли. Маск на Х објави дека првиот производ на „Неуралинк“ ќе се вика „телепати“. Напредокот треба да биде експоненцијален.

„Неуралинк“, со седиште во заливот Сан Франциско и Остин, Тексас, спроведуваше тестови на животни во последниве години додека истовремено бараше одобрение од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) за да започне клинички испитувања на луѓе.– Сакаме да бидеме исклучително внимателни и да се погрижиме да работи добро пред да го ставиме уредот во човек – рече Маск тогаш.

Говорејќи пред толпата одбрани гости на презентацијата во седиштето на „Неуралинк“ во 2022 година, која траеше речиси три часа, Маск ја нагласи брзината со која компанијата го развива својот уред.– На почетокот, напредокот, особено во однос на луѓето, може да изгледа ужасно бавен, но ние правиме сѐ за целосно да го развиеме паралелно. Значи, теоретски напредокот треба да биде експоненцијален – додаде тој.

Првите две човечки апликации на уредот „Неуралинк“ кон кои се насочени ќе бидат враќање на видот и овозможување на движењето на мускулите кај луѓе што не можат да го направат тоа.– Дури и ако некој никогаш немал вид, ако е роден слеп, веруваме дека сепак можеме да го вратиме видот – рече тој.

Првата јавна презентација на „Неуралинк“ вклучуваше мајмун со мозочен чип, кој играше компјутерска игра додека размислуваше сам.

Маск, кој ги води и производителот на електрични возила „Тесла“, ракетната компанија „Спејс-екс“ и платформата за социјалните медиуми Х, е познат по цели како колонизација на Марс и спас на човештвото. Неговите амбиции за „Неуралинк“, кој го лансира во 2016 година, се еднакво големи. Тој развива чип составен од илјадници електроди што ќе му овозможат на мозокот да контролира сложени електронски уреди и на крајот да им овозможи на парализираните луѓе да ги вратат моторните функции и да лекуваат болести како Паркинсоновата, деменција и Алцхајмерова болест. Тој зборува и за зајакнување на мозокот со помош на вештачка интелигенција.


1 view

Comentários


bottom of page