Манчини: Сега почнува ново ЕП
22.06.2021 Juni Vtornik
ФУДБАЛ
Италијанскиот фудбал традиционално се поврзува со цврстата игра во одбраната, со дисциплината и со умеењето да се забележат тесни победи. Сега на дефанзивата и на тактичката супериорност им се придодадени знаењето и искуството во средниот ред, талентираните напаѓачи и широкиот избор на квалитетни фудбалери. „Важно е идентитетот на тимот да остане ист дури и кога менуваме играчи. Сите тие знаат што да прават и крајниот производ не се менува. Момчињата се многу умни, сакаат да победат на секој меч и имаат добар менталитет“, вели селекторот Манчини, по пласманот во осминафиналето
Репрезентацијата на Италија ги потврди својата добра форма и класа, победувајќи го Велс со 1-0 во третиот меч во групата А, на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020. Со трите победи (со вкупна гол-разлика 7-0) и максималните девет бода, Италијанците како првопласирани во групата, во осминафиналето, в сабота на стадионот „Вембли“ во Лондон, ќе играат против второпласираната репрезентација од групата Ц (Украина или Австрија, играа меѓу себе синоќа). Од оваа група Велс се пласира во осминафиналето и в сабота во Амстердам ќе игра со второпласираната селекција од групата Б (Белгија, Русија, Финска или Данска). Селекторот Роберто Манчини на мечот против Велс реши да ги одмори клучните играчи и внесе осуммина нови фудбалери во тимот, но интензитетот на играта воопшто не опадна. Во тимот се вратија Марко Верати, кој ги пропушти првите два натпревара поради повреда, и Андреа Белоти, најефикасниот во квалификациите, но вистинската сила на „азурите“ е во широкиот избор на одлични фудбалери од кои никој не се издвојува како „ѕвезда“. Во првите три кола настапија 25 од 26-те пријавени фудбалери за ЕП 2020. – Важно е идентитетот на тимот да остане ист дури и кога менуваме тројца или четворица играчи. Сите тие знаат што да прават и крајниот производ не се менува. Сите сме среќни, но знаеме дека по групната фаза почнуваме ново европско првенство. Сѐ ќе биде поинаку. Момчињата се многу умни, сакаат да победат на секој натпревар и имаат добар менталитет – изјави Манчини.
Италијанскиот фудбал традиционално се поврзува со цврстата игра во одбраната, со дисциплината и со умеењето да се забележат тесни победи. Пред овој шампионат, Италијанците никогаш немаа постигнато повеќе од два гола на натпревар на ЕП. Но на ЕП 2020, тие првите два натпревара, со Турција и со Швајцарија, ги добија со по 3-0, играјќи напаѓачки, без калкулации. Сега на дефанзивата и на тактичката супериорност, им се придодадени знаењето и искуството во средниот ред, талентираните напаѓачи и широкиот избор на квалитетни играчи.
Флексибилноста може да се види и во многуте опции што ги има селекторот Роберто Манчини на располагање, играјќи во формацијата 4-3-3. Во последната линија во одбраната е тандемот на Јувентус, Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи. Но кога се повреди Кјелини, на мечот со Швајцарија, успешно го замени Франческо Ачерби од Лацио. Во одбраната се уште Џовани ди Лоренцо од Наполи, Леонардо Спинацола во Рома, Рафаел Толои од Аталанта, а во средниот ред, Марко Верати од ПСЖ, Николо Барела од Интер, Мануел Локатели од Сасуоло, па Жоржињо од Челси итн. Нападот го предводи Чиро Имобиле, играчот на Лацио, потоа Лоренцо Инсиње од Наполи, Андреа Белоти од Торино, па Федерико Киеза од Јувентус, кого го немаше во првиот состав на првите два меча. Искуството во освојувањето титули на овие играчи не им недостига што е битно на психолошки план. Од друга страна, ниту еден друг селектор не освоил повеќе трофеи како тренер од Манчини, кој има 23 титули.
Серија од 30 меча без пораз и 11 без примен гол
Фудбалската репрезентација на Италија е во серија од 30 меча без пораз во сите натпреварувања (25 победи и пет ремија), од септември 2018 година и поразот од Португалија. Со тоа тие ја израмнија најдолгата серија без пораз во нивната историја, поставена помеѓу 1935 и 1939 година. Италија нема примено гол на претходните 11 натпревари (или над 1.000 минути, со вкупна гол-разлика на тие средби 32-0), што е само еден меч помалку од рекордот од периодот помеѓу 1972 и 1974 година.
Comments