top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Манчестер сити поставува стандарди

ФУДБАЛ

Не само на теренот туку и надвор од него, Манчестер сити поставува стандарди во светот на фудбалот, стана репер според кој се оценуваат другите водечки англиски и европски клубови на трансфер-пазарот, пишува британскиот весник „Телеграф“. Сепак, годинава е своевидна пресвртница во еволуцијата на Сити, кој стана толку вешт во трансфер-зделките што, по 14 години со новите газди, може да си дозволи тимот да го засили со еден од најпосакуваните напаѓачи во Европа, Ерлинг Холанд, и уште да има профит. Сити веќе инкасира 232 милиони фунти (274,2 милиони евра) од продажбата на Феран Торес, Рахим Стерлинг, Габриел Жесус, Олександр Зинченко и на мноштво перспективни младинци. Таа сума може да надмине 250 милиони фунти пред да заврши летниот преоден рок, извонредна сума во постковид-ерата. Како што стојат работите, Сити ќе има нето-профит од 122 милиони фунти (144,2 милиони евра) годинава од трансферите, бројка што ќе се намали ако Пеп Гвардиола го доведе левиот бек на Брајтон, Марк Кукурела, за 50 милиони фунти, пишува „Телеграф“. Сити досега го освежи тимот со ангажирањето на Холанд, англискиот играч за врска Калвин Филипс и со младиот напаѓач на Аргентина, Хулијан Алварез, плус голманот Стефан Ортега. Сити стана мајстор кога станува збор за планирањето, потпишувајќи договори со играчи во вистинско време за разумни суми, додека брзо и решително се ослободува од некои што не му требаат по цени што често ги тераат луѓето да седнат и да се замислат. Не е ни чудо што агентите зборуваат дека Сити е еден од најдобро раководените клубови во Европа, ако не и најдобро. Ова, се разбира, беше и долгорочната цел на Сити, кој почна агресивно, во обид да ја забрза трансформацијата на клубот. Успехот на теренот, нормално, го олеснува тоа. Фудбалерите сакаат да играат за Гвардиола, а и ривалските клубови ги сакаат играчите на Сити, бидејќи знаат дека купуваат играчи со карактер, квалитет и со желба за победа. Во тој поглед, Сити има многу да му заблагодари на Гвардиола. Но директорот за фудбал Тики Бегиристајн, главниот извршен директор Феран Сориано и главниот оперативен директор Омар Берарда ја водат операцијата под надзор на претседателот Калдун ал-Мубарак. Тука треба да се спомнат и одделенијата за анализирање на податоците и за скаутирањето, кои се меѓу најдобрите во Европа. Сепак, и академијата на Манчестер сити и пошироката „Сити групација“ добиваат големи пофалби за продукцијата на млади талентирани играчи, кои можеби никогаш нема да заиграат за првиот тим, но се барани на трансфер-пазарот. Во текот на следните недели би можеле да следуваат уште неколку заминувања во кои Сити практикува да вметнува клаузули за продажба и опции за откуп. Тоа се покажува како корисен дополнителен генератор на готовина, а истовремено нуди и одредена заштита во иднина во случај некој играч да се покаже и да се докаже на некое друго место или клуб. Л.Д.


1 view

コメント


bottom of page