Манчестер сити е незапирлив, има 19 победи во низа
26.02.2021 februari petok
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Во двата последни осминафинални меча во Лигата на шампионите (ЛШ) повторно победи на гостинските фудбалски екипи. Манчестер сити триумфира над Борусија Менхенгладбах, на неутрален терен во Будимпешта, со 2-0, а Реал Мадрид ја совлада Аталанта во Бергамо со 1-0. На осумте први натпревари во оваа рунда, гостинските тимови забележаа седум победи, со само еден триумф на домашна екипа, на Порто над Јувентус. Една од главните причини за ова се смета играњето пред празни трибини, без публика, што ја неутрализира предноста на домашниот терен. Сити во дуелот против Борусија М. покажа дека моментално е многу поквалитетен тим забележувајќи ја 19-та победа во низа во сите натпреварувања, 12-та на гости што е рекордно постигнување за еден англиски клуб од најсилната лига, што, исто така, го држеше Сити, со 11-те победи на гости во 2017-та. Сити е и првиот тим во ЛШ што нема примено гол на четирите гостувања сезонава, по Манчестер јунајтед во сезоната 2010/2011.
– Генерално, ја контролиравме играта. За жал, не бевме доволно прецизни пред голот. Тоа е нешто што треба да го подобриме во ова натпреварување во кое треба да бидете совршени за да се осигурите дека ќе стигнете до крајот. Кога го гледам Баерн не мислам дека ние сме фаворити, но ако луѓето велат дека сме фаворити, мора да го прифатиме тоа. Но треба да се има на ум дека Сити е тим што во клупската историја само еднаш бил полуфиналист во ова натпреварување – изјави тренерот Пеп Гвардиола, кој со Барселона трипати бил првак на Европа, еднаш како играч и двапати како тренер. Реал со играч повеќе седумдесетина минути, поради исклучувањето на Ремо Фројлер, ја совлада Аталанта, која сезонава нема победа на домашен терен во ЛШ (два пораза и две ремија). Реал, како и Баерн, има забележано победи против 60 различни тима во ЛШ, најмногу од сите. Тренерот на „кралевите“, Зинедин Зидан е пред 13-от триумф во 14-те учества во нокаут-фазата.
ОСМИНАФИНАЛЕ
Борусија М. – Манчестер с. 0-2 Аталанта – Реал М. 0-1 Атлетико – Челси 0-1 Лацио – Баерн 1-4 Порто – Јувентус 2-1 Севилја – Борусија Д. 2-3 Барселона – ПСЖ 1-4 Лајпциг – Ливерпул 0-2
реваншите ќе се играат од 9 до 17 март
コメント