Манчевски: „Кајмак“ е безобразна комедија, која создава измешани чувства
Updated: Jun 19, 2021
19.06.2021 Juni Sabota
Манчевски го најави својот седми по ред долгометражен филм „Кајмак“, кој ќе се снима на различни локации во Скопје. Оваа црна комедија (или среќна трагедија), зборува за две семејства, пристојни на почетокот, а среќни на крајот… Всушност, филмот претставува безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината и е европска копродукција, во кој главните улоги ги толкуваат: Александар Микиќ, Филип Трајковиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Петар Мирчевски, Сара Климоска…
„Кајмак е една безобразна комедија, но и како секоја уметност – предизвикува измешани или комплексни чувства“. Вака нашиот најпознат и најнаградуван режисер Милчо Манчевски, вчера, на прес-конференцијата го најави својот седми по ред долгометражен филм кој ќе започне да се снима на 6 јули, на различни локации во Скопје. Ова беше и негов одговор на прашањето дали и ова негово најново остварување, за кое има напишано и сценарио, и овој пат ќе предизвика твистер од измешани чувства, со оглед дека се работи за црна комедија (или среќна трагедија). Наслов на филмот, „Кајмак“, пак, според Манчевски, е избран бидејќи самиот се наметна.
„Во филмот често се гледа кајмак. Виолетка продава кајмак на пазар, а Карамба секој ден го купува, и затоа жена му го кара. И се разбира, поради сите симболики кои произлегуваат од зборот кајмак – како крем, како нешто најубаво… Но, и како прашање, што е всушност најубавото и за што вреди да се живее“, додава Манчевски. Инаку, во филмот, кој е европска копродукција на Македонија, Данска, Холандија, Хрватска Бугарија, Англија, Италија и Србија, улогите ги толкуваат: Александар Микиќ, Филип Трајковиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Петар Мирчевски, Сара Климоска…
„Мојот лик во Кајмак е сериозен предизвик за мене, но со колегите од екипата со големо искуство и Манчевски како режисер, мислам дека ќе направиме одличен филм“, вели Климоска. Таа со Камка Тоциновски играше и во последниот филм на Манчевски „Врба“, кој беше македонски кандидат за Оскар. За својот лик во „Кајмак“, пак, Тоциновски, која игра сурова, ладнокрвна, деловна кариеристка, посочува: „Секоја улога е тешка да се сработи, но да се игра Ева можеби ќе биде поголем предизвик, бидејќи станува збор за сосема различен хабитус од мојот, пообемна улога од онаа на Катерина во „Врба“, а припаѓа и на жанр за кој ние актерите ќе се сложиме е еден од потешките за играње. За неа, додава, е чест и што ќе игра во филмот со Петар Мирчевски, за кој вели дека е филмска легенда. За Микиќ, пак, кој го толкува Карамба, неговиот лик е трагикомичен. „Пред сè искрен и добар по душа, а дали ќе биде трагичен или комичен, нека заклучи публиката“. Симона Спировска, пак, за првпат е во главна улога во филм на Манчевски. Таа ќе игра улога на тазе мајка… Филип Трајковиќ, кој во филмот го глуми Методи партнерот на Ева, пак, додава дека сите ликови се комплексни, па и неговиот, а Ана Стојановска, која ја глуми Виолетка, посочува дека својот лик би го опишала како „жена која ги гледа позитивните работи во животот“ и е љубопитен–оптимист.
Филмот всушност зборува за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината. Според Манчевски при снимањето на филмот најубаво нешто за него е пишувањето, работата со актерите и монтажата.
„Речиси две години работевме напорно за да се напише филмот, да се финансира и да се подготви и допрва нè чека работа да се сними и пласира филмот. Но, тоа е убава работа, не само затоа што правиме една убава уметност, туку затоа што ја имам таа радост да ја работам со група луѓе кои се не само талентирани професионалци туку и добри луѓе. Ни претстои едно долго, жешко лето“, истакна Манчевски. Филмот кој е поддржан од македонската агенција за филм, како и од филмските фондови на земјите копродуценти, во оваа најтешка пандемиска година доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е уште една потврда за вредноста на проектот. Според финансиската конструкција на филмот, Македонија учествува со 48 проценти, а 52 проценти доаѓаат од странство.
„Со пријатели сè е можно. Овој филм има многу пријатели во цела Европа и со нив сме на одличен пат да направиме прекрасно нешто. Филмот има позитивна енергија и ветер во крилјата“, вели македонскиот продуцент на „Кајмак“, Јане Ќортошев од “Банана филм“. Продуцентски дизајнер е ДејвидМенс од Англија, а директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор е Милка Анчевска, а костимограф Жаклина Крстевска.
Интересно е и што дански копродуцент на филмот е Мета ЛуисФолдагерСоренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар “Кралска афера“ и на “Сопругата“ со ГленКлоуз. Холандски копродуценти пак, се Изабела Депевег и ЕлсВандерворст, која важи за една од најискуснитехоландски продуценти со култните филмови како „Мандарлеј“, „Догвил“ и „Танчар во мракот“ на Ларс фон Трир и “It’sallaboutlove” на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков.
Извршен продуцент е ИанПрајор од британската Скала продакшнс. Инаку, Манчевски реши да го задржи оригиналниот наслов на филмот, па англискиот наслов е „Kaymak”, што партнерите го доживуваат како интересен нов збор што го научиле, како мистерија во насловот. (Д.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски vecer.press
Hozzászólások