Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе се отвори со настап на македонската Филхармонија
Богата програма ќе понуди годинашново издание на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ која ќе биде отворена во 20 часот на први август на споменикот Илинден на Гумење во Крушево.
Отворањето е со настапот на македонската Филхармонија и на Македонската опера и балет. Вечерта ќе настапат и Тамара Тодевска, Наде Талеска, Виктор Апостоловски и Викторија Лоба, информираат од Манифестацијата.
Во текот на манифестацијата, која трае до 10 август, ќе има програма за деца, изложба на Зоран Кардула, настап на Дац и Александар како и проекција на македонски филмови.
Еден од настаните кој привлекува големо внимание е изложбата на Зоран Кардула која ќе се одржи на 4-ти август во споменик Илинден. Изложбата ќе биде „зачинета“ со ди џеј сет на Томи Бојаџи.
На впечатлив начин ќе биде претставена изложбата на илустрации инспирирани од серијалот „Star Wars“, насловена како „Star Wars & Makedonium“ и ќе понуди вонвременскиот изглед на Македониумот. Отворањето на изложбата ќе биде придружено и од музички дел за кој ќе биде задолжен Томи Бојаџи.
Comments