top of page

Мамедов: Македонија го развива фудбалот, ФИФА е тука да ѝ подаде рака

22.12.2025 Dekemvri Ponedelnik

Во “Куќа на фудбалот”, раководството на ФФМ, претседателот Масар Омерагиќ и генералниот секретар, Леонид Јандреоски беа домаќини на Елкан Мамедов, директор за асоцијации и развој во ФИФА и еден од најблиските соработници на претседателот Џани Инфантино.

Во ексклузивното интервју за интернет-страницата на ФФМ, тој зборува за значењето на соработката меѓу ФИФА и ФФМ, развојните проекти во македонскиот фудбал, партнерскиот однос со раководството на ФФМ, инвестициите во инфраструктурата и идните планови за националните селекции.

Која е примарната цел на вашата посета на ФФМ и кои се клучните аспекти кои сакавте лично да ги согледате?

„Пред сè, ми претставува големо задоволство што сум повторно во Скопје. Како што ви е познато, во изминатите десет месеци остваривме серија состаноци со новото раководство и претседателот Масар Омерагиќ. Би сакал да ја истакнам и средбата помеѓу претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и претседателот на ФФМ, Омерагиќ. Тоа беше исклучително продуктивен состанок на кој двајцата претседатели разговараа за идната соработка и стратешкиот развој на македонскиот фудбал, како и за механизмите преку кои ФИФА може да ја даде својата поддршка. Мојот престој тука е директен исход од тој состанок, со цел детално да ги елаборираме плановите за понатамошен развој“.

Колку е значајно за ФИФА ваквите посети да не бидат само од протоколарен карактер, туку да претставуваат вистинска работна агенда?

„Фактот што е викенд, а ние веќе неколку часа работиме во просториите на Федерацијата, јасно потврдува дека ова не е само формална протоколарна посета. Станува збор за суштинска работна посета. Со претседателот и со генералниот секретар веќе ги разгледавме деталите околу развојните проекти и инвестициите во фудбалот во вашата земја. Веќе започнавме со реализација на конкретна инвестиција – проектот за мини терени “FIFA Arena“. Се надеваме дека во рок од три месеци повторно ќе бидеме тука за свеченото отворање на овие капацитети заедно со раководството на Федерацијата“.

Каков вид на поддршка моментално обезбедува ФИФА за ФФМ во поглед на развојот, административното управување и финансиската помош?

„Исклучително сме задоволни што Фудбалската федерација на Македонија е активен учесник во различните развојни програми на ФИФА. Носечкиот столб на нашата поддршка е програмата „FIFA Forward “, преку која се обезбедуваат финансиски средства за сите земји членки. Вашата федерација максимално ги користи овие ресурси, инвестирајќи во инфраструктурата, што претставува трајна вредност. Дополнително, се посветува големо внимание на градењето на административните капацитети, при што вашиот кадар редовно учествува на обуки и сесии организирани од страна на ФИФА“.

Кога станува збор за инфраструктурата, дали тоа е примарниот фокус на претседателот и на самата Федерација?

„Да, тоа беше потврдено и на денешните разговори, како и на претходната средба помеѓу претседателите Инфантино и Омерагиќ. Фокусот е ставен на модернизација на инфраструктурата и изградба на стадиони во Македонија, со акцент на Скопје. Денес ги продолживме консултациите за да ги дефинираме модалитетите преку кои ФИФА може да помогне во овој процес. Нашата цел е да видиме модерна инфраструктура во секој дел од земјата. Раководството на ФФМ јасно ја истакна потребата од нов стадион во Скопје. Разговаравме како таа идеја да се формализира и како да се искористат средствата од „FIFA Forward“ програмата за реализација на овој капитален проект“.

Како би ја оцениле соработката и комуникацијата помеѓу ФИФА и актуелното раководство на ФФМ?

„Комуникацијата е на извонредно ниво. Сакам да изразам благодарност до претседателот Омерагиќ и целата администрација за одличната соработка. Помеѓу нашите две институции постои континуиран контакт, што е од витално значење. Делиме заедничка визија и меѓусебно разбирање за развојот на фудбалот и неговата глобализација“.

Каде ја гледате Фудбалската федерација на Македонија во наредниот период од 5 до 10 години?

„Нашата цел е да ги видиме македонските национални селекции во сите категории на завршните турнири на големите натпреварувања, како и Македонија да биде домаќин на меѓународни настани. Потенцијалот е евидентен, а ФИФА ќе биде партнер во реализацијата на тие цели. Иницијативите што ги презентираше претседателот и сработеното во изминатата година се навистина импресивни. Доколку се продолжи со ова темпо, резултатите во наредната деценија ќе бидат видни преку почести настапи на големите првенства“.За крај, која е Вашата порака до фудбалската јавност во Македонија?„Важно е фудбалската заедница да ги препознае и вреднува досегашните постигнувања. Настапите на националниот тим се извор на гордост за секоја земја. Навивачите треба да му пружат безрезервна поддршка на тимот, без разлика на моменталните исходи, бидејќи патот до успехот бара трпение. Репрезентацијата е во клучен процес на подготовка за предизвиците кои следат во март 2026 година“.
ree

 
 
 

Comments


bottom of page