Малкумина ја знаат историјата на најмонументалниот иконостас во Македонија
18.01.2022 Januari Vtornik
Иконостасот на црквата „Св. Благовештение“, ремек-делото на мијачките мајстори, со своите димензии, 16 метри должина и 6,2 метри височина, е најголем во Македонија, а по вредноста веднаш по иконостасите во „Свети Јован Бигорски“ и во скопската црква „Свети Спас“. Како што велат во Заводот и Музеј во Прилеп, овој импозантен иконостас стар 180 години ќе биде реновиран. Истражувањата се направени, а активностите за заштита на самиот иконостас се започнати
За историјата и убавината на црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп изградена во 1838 година, која има 180 икони, но и на импозантниот иконостас, најголем во државата, изработен од мијачките мајстори, траен запис остава отец Златко Ангелески, кој е и автор на монографијата за овој верски храм. Иконостасот според Ангелески е ремек-дело на мијачките мајстори, поточно на тајфата на Петре Филиповски-Гарката, а иконите од иконостасот имаат голема уметничка вредност. Најстара икона пак, е иконата посветена на свети Архангел Михаил од 1838. Токму иконостасот на оваа црква кој последните децении почна да трпи оштетувања, а за чија состојба во весникот „Вечер“ пишувавме уште пред две години, конечно се реновиран.
Со своите димензии, 16 метри должина и 6,2 метри височина, иконостасот во црквата „Св. Благовештение“ е најголем во Македонија, а по вредноста е веднаш по иконостасите во „Свети Јован Бигорски“ и во скопската црква „Свети Спас“.
Работен во длабока резба со растителна орнаментика, овој иконостас со два ката, последен пат бил реновиран пред дваесетина години, но оттогаш ова резбарско ремек-дело било поради забот на времето, претрпело извесни оштетувања.
Истражувањата се направени, следува реновирање
Состојбата на резбата според упатените не е толку алармантна, но носечките столбови што го држат иконостасот велат, се во состојба која бара нивно зајакнување. Одговорните од Прилепскиот завод и музеј, пак, пред две години за весникот “Вечер“ потврдија дека ќе се преземат активностите за реновирање.
“До Министерството за култура е поднесена пријава за итна интервенција. Планот е да се изврши превентива и ја известивме Управата за заштита на културното наследство, но оттаму не задолжија да се извршат истражувачки работи, како на дрвениот дел, така и на иконите, и врз основа на тоа да се преземат соодветни активности. Формирана е комисија и изготвивме комплетен проект и за иконостасот и за иконите. Ангажиравме и конзерватор за дрво и посочено ни е дека нема штеточини, поточно нема црвојадини во дрвото“, ни кажа тогаш директорот на Прилепскиот завод и музеј , Благоја Атанасовски. Тој тогаш посочи дека во случајов од чистење и од водата се оштетени носечките столбови но, дека ситуацијата не е алармантна.
Атанасовски вчера за весникот “Вечер“ посочи дека активностите за заштита на иконостасот се во тек, а дека се започнати во декември 2021 година и ќе траат до февруари годинава, по што повторно ќе започнат на лето.
“Работиме на првата фаза на заштита на иконостасот, поточно на ињектирање на оштетените површини од црвојадини, како и на чистење на сликаниот слој, т.е. на иконите кои се директно на иконостасот, на дрвениот дел и кои не се подвижни. Се ова се врши со средства кои се предвидени со проектот за конзервација. Со активностите продолжуваме и во 2022 година, со глед дека се работи за долгорочен план. Во текот на февруари ќе завршат работите кои почнаа во декември, а во текот на летото продолжуваме со работа со истата прва фаза со оглед дека се работи за голема површина. Со проектот е предвидено и зајакнување на сите носечки столбови, кои ќе бидат направени според сите прописи за да траат во наредните 100 и повеќе години“, додава Атанасовски.
Интересна историја има и самата црква која ја краси токму овој иконостас. Инаку, црквата „Св. Благовештение“ е попозната и како Стара Црква а изградена е од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година.
Интересна е приказната за изградба на црквата
Иницијативата била покрената од угледни личности, чорбаџии и занаетчии, кои на своите сограѓани прилепчани да им ја остварат вековната желба за божји храм. Голема улога за добивање документ за изградба одиграл тутунскиот еснаф. Клучна била улогата на тогашниот тутунски трговец – аџи Христо Дамјанов. Тој имал храброст да ги изнесе желбите на своите сограѓани пред османлиската власт. Познанството со Рушид-паша го искористил да го запознае султанот со желбата на прилепчани да добијат црква, во која ќе се пее и богослужи на мајчин јазик. Напишал молба до Падишахот, барајќи да се подигне црква. Отишол во Цариград најпрво на средба со патријархот Григориј, а потоа со Рушид-паша успеал да влезе во дворецот на главниот секретар на султанот. Му одговориле дека треба да чекаат неколку месеци. Ферманот за градење на црквата бил добиен во 1835. Извесна баба Мита од семејството Миџовци го дала својот имот, зашто тоа било најдобро место за градба на црквата, а сите еснафи се согласиле да дадат материјал за побрзо да се изгради божјиот храм. Прилепчани одлучиле црквата да му биде посветена на празникот „Светото Благовештение“ зашто дотогаш во градот не пристигнала поблага и поубава вест.
Во црквата покрај иконостасот, особено вредно ремек-дело на мајсторот Гарката е и владичкиот стол единствен од таков вид во земјава. Висок е 5 метри, широк 92 сантиметри, а длабок 86 сантиметри. Во долниот дел има два лава во лежечка положба, а пред нив змии. На предната страна од престолот има два лава, а над нив два феникса со раширени крилја и подигнати глави. На задната страна е поставена икона на која е насликан Господ Исус Христос, како цар заедно со четворица евангелисти. Тука е и амвон (певница), со билна орнаментика, птици и животни кои претставуваат врвни дела од културното богатство на Македонија.
Црквата има богата колекција и на стари и богослужбени книги, а особено место заземаат Номоканонот од 18 век, Зборникот со духовни поуки, Катастихот, Стихуваниот пролог од 14 век. Се чуваат и прилепскиот ракописен антиминс од 1727 година, антиминсот од Александриската патријаршија од 1730 година и антиминсот од светогорските манастири од 1842 година. Грижливо се чуваат и протоколарните книги од 1841 година, па наваму кои се депонирани во прилепскиот архив.
Црквата денес е споменик на културата заштитен со закон. Ја посетуваат бројни верници, туристи, истражувачи, историчари и вљубеници во уметноста. (Д.Т.)
Comments