Малиот Ирец од „Титаник“ и по 25 години заработува од улогата во филмот
Рис Томпсон ја имаше најзабележливата улога пред 25 години. Како петгодишен, тој се појави во блокбастерот „Титаник“ каде глумеше ирско дете од пониска класа, кое со мајка му и сестра не успеа да се качи на чамците за спасување за да го напушти бродот што тоне. Рис откри дека и по 25 години од снимањето на филмот, заработува од улогата. „Сè уште добивам плата за Титаник, добивам чек од 100 или 200 долари и секогаш е убаво изненадување“, изјави Рис за „Бизнис инсајдер“. Неговата улога во филмот беше значајна бидејќи ја прикажува трагедијата на најсиромашните патници кои на Титаник го загубија животот. Денес, Рис се занимава со дигитален маркетинг во Јута и поседува ски-центар. Кариерата ја започнал како дете модел и добил договор со агенција откако победил на еден натпревар. Агентот потоа ѝ понудил на мајка му две опции за Рис – улога во реклама за бензинска пумпа или можност за улога во „Титаник“. „На мама ѝ се допадна идејата да се обидам како актер и решивме да го сториме тоа затоа што мислевме дека немаме што да изгубиме“, изјави Рис во една пригода. Инаку, филмот „Титаник“ од 1997 година со Леонардо ди Каприо и Кејт Винслет во главните улоги заработи над 2 милијарди долари и освои 11 „Оскари“. Сè додека филмот се прикажува, Томпсон ќе добива по неколку стотици долари секоја година.
Comments