top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Мал формат“ – предизвик за уметниците и магија за љубителите на уметноста

„На годинашната изложба ‘Мал формат’ може да се видат 55 дела на 40 уметници во најразлични техники, како и во помали формати од стандардниот 25х25 сантиметри. Она што, за мене, беше интересно e што се појави една разноликост, која ѝ дава динамика на изложбата“, вели Дијана Томиќ-Радевска, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ

Во Културно-информативниот центар во Скопје, салон „Империјал 1“, од завчеравечер е отворена изложбата „Мал формат“ во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Пред љубителите на уметноста кои ја проследија оваа традиционална изложба, се претставени дела во повеќе техники: сликарство, скулптура, графика, цртеж, колаж, објекти и нови медиуми.

„На годинашната изложба ‘Мал формат’ може да се видат 55 дела на 40 уметници во најразлични техники, како и во помали формати од стандардниот 25х25 сантиметри. Она што, за мене, беше интересно e што се појави една разноликост, која ѝ дава динамика на изложбата“, вели Дијана Томиќ-Радевска, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ. Таа, сепак, додаде дека Уметничкиот совет е разочаран што нема повеќе учесници, но напоменува и дека оправдувањето е, можеби, во трите изложби на ДЛУМ што беа организирани во последниот месец.

„Интересот е, главно, добар, но во тој краток рок, не секој уметник можеше да подготви и донесе дело и за оваа изложба“, додава Томиќ-Радевска.

Уметниците и овој пат твореа според сопствените афинитети, но без зададена тема иако во ДЛУМ било разговарано и во таа насока.

„Сакавме да поставиме и таква изложба, која организациски малку би излегла од рамките со цел да даде некоја свежина и да дадеме тема која ќе ги испровоцира да се јават токму на оваа изложба и да понудат нешто различно. Се трудиме да поддржиме некои нови иницијативи што заслужуваат да бидат поттикнати и да се покаже таа свежина во некои нови движења во уметноста“, додава Томиќ-Радевска.

Таа го посочи и горливиот проблем на ДЛУМ, немањето сопствен простор, поради што, додава, уметниците имаат и краток период за изложување.

Инаку, магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25 см (на изложбата имаше и помали дела) претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност. Во рамките на изложбата на која уметникот Емил Шулајковски ја истакна и долгата соработка на КИЦ и ДЛУМ, беа доделени и традиционалните награди. Јана Јакимовска е годинашен добитник на наградата „Мал формат“ на ДЛУМ за делото „Почетокот и крајот“ во техниката пепел на платно.

„Наградата за ‘Мал формат’ од ДЛУМ особено ми значи, бидејќи е награда доделена од моите колеги. Фалбите и признанијата, несомнено, ни годат на сите, независно од каде доаѓаат, но особено значат кога ќе дојдат од фелата. И, секако, претставуваат поттик за иднината – да го оправдаме и понатаму нашето присуство на уметничката сцена. Предизвикот, пак, да се твори во мал формат, според мене, не се разликува од кој и да е друг предизвик – без разлика дали станува збор за зададен формат, техника, тема и др. Предизвикот лежи токму во надминување на ‘ограничувањето’, односно во барањето на слобода отаде границата. Во овој случај, се обидов концепциски да му се „спротивставам“ на форматот, односно низ малите димензии да проговорам за некои ‘големи’ и универзални нешта”, посочи Јакимовска за весникот ВЕЧЕР.

Културно-информативниот центар, пак, додели две награди. „Вангел Коџоман“ ја доби уметницата Микица Трујкановиќ за делото „Ти“, во комбинирана техника на платно, а наградата „Константин Коце Мазев“ му беше доделена на Синиша Новески, скулптор кој беше награден и на Годишната изложба за делото „Семејство стопено“ во бронза.

Каталозите за годишната изложба и за „Мал формат“ ќе може да се набават на крајот на оваа изложба, која ќе трае до 12 ноември. (Д.Т.)






1 view

Comments


bottom of page