top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонците со че­ти­ри зла­та и ед­на брон­за од Та­лин

ТАЕКВОНДО – ПО ЕВРОПСКОТО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО И ОПЕН-ТУРНИРОТ

Македонската таеквондо-репрезентација со вкупно пет освоени медали ги заврши Европското клупско првенство (ЕП) и опен-турнирот од серијата Г2, кој следуваше потоа, а се одржаа изминативе денови во естонскиот град Талин. На опен-турнирот, кој се одржа веднаш по клупското ЕП и траеше два натпреварувачки дена, Филип Додевски (до 84 кг) освои златен медал, забележувајќи две победи против ривали од Велика Британија и од Полска. Со злато се закити и Анамарија Георгиевска (категорија до 67 кг), која оствари три победи, против една натпреварувачка од Естонија и две од Германија. Со тоа, Додевски и Георгиевска, кои се членови на ТК Бутел од Скопје, освоија нови 20 бода, што следуваат за прво место на вакви Г2-турнири, а мошне значајни во настојувањето да се стигне до нормата потребна за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година.

Членката на ТК Тигри од Скопје, Мила Рељиќ (до 62 кг) освои бронзен медал, што е нејзин втор во Талин, по златото во поединечна конкуренција на ЕП. Таа во првото коло беше слободна, во второто коло ја совлада Тамер Таја од Египет, во четврт-финалето беше поуспешна од Британката Лејла Палсер, додека во полуфиналето загуби од Корејката Жу Мин Квак. Од практични причини, стручниот штаб на репрезентацијата решил на овој турнир да не настапи, односно да добие одмор нашиот најдобар таеквондист Дејан Георгиевски. Како што е познато, пак, на Европското клупско првенство одржано пред овој турнир, исто така во Талин, Дејан Георгиевски (над 84 кг) и Мила Рељиќ освоија златни медали во поединечна конкуренција, но, сепак, екипно Македонија не го повтори успехот од ЕП во Солун во 2019 година, кога заврши на одличното шесто место. – Освоените златни медали кажуваат дека е постигнат успех во Талин, но лично не сум многу задоволен, оти сметам дека можевме да минеме и подобро. Моите очекувања беа и другите македонски репрезентативци да освојат медали, односно да се направи повеќе од тоа што е направено. Сепак. треба да нагласам дека Фросина Рајковска, Сања Поповска и Мартин Стаменов беа всушност дебитанти во сениорска конкуренција и, секако, кај нив тоа имало одредено влијание, а на кое ние во иднина ќе мора да работиме за да го надминеме. Но, секако, петте освоени медали доволно говорат дека македонското таеквондо е на многу високо ниво во светски рамки, кога станува збор за вакви успешни резултати како што беа во Талин. Освоените нови поени, пак, од овие Г2-турнири, кои носат по 20 поени за првото место, се мошне значајни на патот кон исполнување на олимписката цел, а тоа е настап на ЛОИ 2024 – вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација, Борче Костовски.

Г.И.


1 view

コメント


bottom of page