Македонското трио “Аура“ со концерт во Белград
11.12.2020 Декември Петок
Реномираниот македонски камерен состав трио АУРА, вечерва (11 ти декември) во Белград ќе одржи целовечерен концерт по покана на меѓународниот фестивал БУНТ. Триото на белградската сцена ќе се претстави со дела од Лефевр, Коетсиер, Димушевски и Пиацола а концертот ќе се одржи во познатата сала Гуарнериус.
Триото Аура го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.
Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото често промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
Comments