top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонските репрезентации в сабота тргнуваат по нови успеси

ОДБОЈКА – ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА НА ЗЛАТНАТА И НА СРЕБРЕНАТА ЕВРОПСКА ЛИГА

Македонските одбојкарски репрезентации ги завршуваат подготовките за претстојната Златна европска лига во која ќе настапуваат избраниците на селекторот Јошко Миленкоски и за Сребрената европска лига, каде што дел ќе бидат македонските одбојкарки, на чело до селекторот Стефан Пауновиќ. Одбојкарките в сабота ќе ја пречекаат Австрија, а одбојкарите утре треба да патуваат во полскиот град Лоѓ за натпреварот со Украина, в сабота. И двете селекции тренираат во СЦ „Борис Трајковски“. Од 20 првобитно повикани одбојкари, Миленкоски го скрати списокот на 16. Во годината со повеќе од 20 натпревари и околу 100 тренинзи, главната насоченост е Европското првенство (ЕП), чиј коорганизатор ќе биде Македонија (мечевите ќе се играат во Скопје), но тоа не значи дека Златната европска лига ќе биде запоставена. Украина, Белгија и Хрватска се силни селекции што ќе го дадат сегашното ниво на воиграност на македонските одбојкари. Само првопласираните репрезентации во трите групи ќе се најдат на завршниот турнир во Задар (24-25 јуни), а во групата на Македонија постои можност и за второпласираниот, ако Хрватска биде прва по шесте кола. – Не се случува често ваква шанса да имаат млади играчи како што сум јас да се натпреваруваат во Златна европска лига и на Европско првенство. Среќен сум поради таа шанса и ќе се трудам на тренинзите и на натпреварите да дадам сѐ од себе. Убеден сум во успех во Златната лига и на Европското првенство – вели репрезентативецот Филип Савовски. И македонската женска репрезентација е оптимистички расположена пред она што ја очекува. Покрај Австрија, во групата се уште Естонија и Летонија. – По толку години и ние добивме шанса да ја претставуваме Македонија во Сребрената европска лига и се надевам дека ќе се претставиме во добро светло. Напорно се тренира и се надевам дека ова ќе претставува убав настан за нашата публика. Пресреќни сме со ова дадена можност, која сметам дека можеме да ја искористиме како што треба – вели репрезентативката Леа Терзиевска. Г.И.

Слободен влез за сите мечеви на одбојкарските селекции

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) реши влезот во СЦ „Борис Трајковски“ да биде слободен за оние што сакаат да ги поддржат македонските сениорски репрезентации во годинешните настапи во Златната и во Сребрената европска лига. – Влезот за сите натпревари на нашите репрезентации ќе биде бесплатен. Ги отвораме вратите за навивачите на трибините во СЦ „Борис Трајковски“. Сакаме поголема поддршка за двете наши сениорски репрезентации – изјави генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.


4 views

Comments


bottom of page