top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонските надежи ќе атакуваат кон елитната дивизија

КОШАРКА – УТРЕ ВО СКОПЈЕ ПОЧНУВА ЕП ЗА МЛАДИНЦИ, ДИВИЗИЈА Б

Првиот меч на црвено-жолтите е со Чешка, утре во СРЦ „Кале“ (18.30 ч.). Ќе учествуваат вкупно 20 селекции, а првите три ќе се пласираат во дивизија А

Скопје од утре ќе биде домаќин на Европското првенство (ЕП) за кошаркари до 20 години, дивизија Б, од кое првите три селекции ќе обезбедат пласман во дивизија А. Ќе учествуваат вкупно 20 репрезентации, а во четврт-финалето ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од четирите групи. Македонија е во првата група, во која се и Словачка, Бугарија, Чешка и Р. Ирска. Првиот меч на црвено-жолтите е со Чешка, утре во СРЦ „Кале“ (18.30 ч.). Дуелите, покрај во СРЦ „Кале“, ќе се играат и во СЦ „Борис Трајковски“.

Македонските надежи се подготвуваа речиси еден месец, а одиграа и три тест-средби. По победата и поразот со Црна Гора на гости, во Скопје беше совладана Холандија, со 65-45. Најефикасен кај Македонија на овој дуел беше центарот Теодор Симиќ, со 18 коша.

Аналитичарите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) направиле листа на кошаркари од кои се очекува да импонираат на ова ЕП. На списокот фигурираат осум имиња, а едно од нив е и македонскиот репрезентативец и член на Феникс, Андреј Митревски, еден најталентираните кошаркари во Македонија, а од пред три години е член и на сениорската селекција. – Митревски е комбо-бек, кој има повеќе офанзивни способности и со тоа можност да придонесува за својот тим на повеќе начини. Комотно се снаоѓа во „циркулацијата“ на топката и прави добра работа во однос на „читањето“ на играта, лесно пронаоѓајќи слободни играчи – се вели во анализата на ФИБА.

На оваа листа на ФИБА се и Килијан Грибен (Р. Ирска), Феликс Бростром (Шведска), Ондреј Хуштак (Чешка), Олександр Кобзициј (Украина), Фред Паулс Багатскис (Летонија) Вијами Вартиаинен (Финска) и Џејмс Оконкво (Велика Британија). Г.И.



2 views

Comments


bottom of page