Македонските кошаркарски надежи со убедлива победа против Кипар до пласман во 1/4 финале
30.07.2024 Juli Vtornik
Македонската машка селекција за кошаркари „Под 18“ години стигна и до четврттата победа по ред во групата „Ц“ од шампионатот во Скопје. А максималниот резултат, и развојот на настаните во ова друштво (порази на конкурентите, пред се Украина), и на коло пред крајот, ги промовира нашите млади кошаркари во учесници во четвртфиналната фаза.
Македонските јуниори не беа оптоварени со фаворитската улога која ја имаа пред потфрлањето на топката на вечерашниот дуел против селекцијата на Кипар која ја совладавме со резултат од 102: 61.
Максимално сериозно им пристапија на обврските кои со себе ги носи играње на еден евро-шампионатот. И практично од првата до последната минута на натпреварот, остварија целосна доминација.
Новиот успех избраниците на селекторот Горан Андреевски го најавија уште во почетните десет минути од играта во кои се стекнаа со двоцифрена предност (24:13).
Најизедначено се играше во втората четвртина во која Кипраните пружија и најголем отпор, но сепак, на полувремето имавме комотно водство (41:29).
Сите дилеми „паднаа“ во оној трет дел од натпревар во кој Македонија одигра и максимално ефикасно. Реализиравме 33 поени, примивме само 14, и практично повторивме уште една одлична четвртина, налик на која нашите јуниори ја имаа на претходните натпревари.
Она што уште повеќе може да го радува стручниот штаб, што во оној поентерски ефект беа вклучени повеќе кошаркари.
Прв стрелец беше Стојковиќ кој реализираше 20.поени (и четири скока), блиску до двоен ефект беа Луканоски и Ќириловски кои имаа идентичен учинок, по 17.поени и 9.скока. Двоен број на поени запиша и Марјановиќ 13, (плус шест асистенции), додека капитенот Јаничиќ финишираше со 14.поени, седум асистенции и пет скока.
За потврда на одлишните настапи, утре вечер, од 18.30 часот, ќе играме против репрезентацијата на Украина, а во меѓувреме ќе го чекаме расплетот во групата „Д“ од каде ќе го добиеме ривалот во четвртфиналето.
Засега е извесно дека тоа нема да биде селекцијата на Австрија, која ќе заврши на првата позиција во таа конкуренција.
Comments