„Македонските архитектурални скулптури” – изложба на фотографии на Ерина Богоева во МКЦ
Во Галеријата 2 на Младинскиот културен центар, вечерва, во 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов „Македонските архитектурални скулптури” од Ерина Богоева. -По долги години истражување и фотографирање на архитектурата од втората половина на ХХ век во Скопје, во 2017-та година, Ерина Богоева ја посветува својата последна изложба „Затемнетиот град“ токму на таа тема, а во 2018 година со иста инспирација ја издава и монографијата „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура“. Непобитен факт е дека монументалистичката архитектура е присутна не само во главниот град туку и низ целата држава и таа досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање. Истата, во Скопје и во останатите градови е често занемарена, оставена на маргините и пропаста. Амбивалетниот однос кон тие (веќе историски) времиња, влијаат врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое што се создавани. Преку фотографијата, Ерина Богоева ја прикажува оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст, се посочува кон изложбата. Ерина Богоева е родена на 1988 во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007. Во октомври 2021 година, Ерина Богоева ја има својата петта самостојна изложба „Мистеријата зад женскиод поглед“ поддржана од Europe House Skopje, по што се одржува и дискусија инспирирана од изложбата, а посветена на жените во креативните индустрии во нашата земја. Истата година, во ноември Ерина Богоева е дел од фотографската изложба на модното списание Vogue во Милано, преку VID фондацијата. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 15 октомври.
Comments