top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонскиот јазик е темел на нашата нација, имаме должност да го заштитиме како наше најголемо култ

Македонскиот јазик е темел на нашата нација, имаме должност да го заштитиме како наше најголемо културно наследствоВо Институтот за македонски јазик се одбележа 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. „Чествувањето на овој ден, кој е посветен на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвализмот е уште една можност да потсетиме на важноста на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто. Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот и срцето на нашата нација. Имаме должност да го негуваме, да го заштитиме како наше најголемо духовно и културно наследство“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

– Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се залага за проучување, промоција, афирмација и негување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава и како мајчин јазик на многумина, но ги поддржува афирмацијата и негувањето на сите други јазици што се зборуваат кај нас и во светот. Почитувањето на различните култури и јазици произлегува од многувековната борба за слобода и признавање на македонскиот јазик, заедно со македонската држава, но и од соживотот на балканските простори од памтивек, во лингвистичките кругови претставен преку балканскиот јазичен сојуз, рече Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ на денешниот настан, на кој се одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Таа на присутните лингвисти, македонисти, професори, студенти, ученици, меѓу кои беа и семејствата Шопови и Мисиркови во Амфитеатарот на Институтот за македонски јазик им го честиташе 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик посочувајќи дека почитувањето на сопствените корени, традиции и народната мудрост мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите.

-Тоа му го должиме на светот, затоа што светот му го овозможи тоа на македонскиот јазик. Со гордост можеме да кажеме дека годинава одбележуваме 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 100 години од раѓањето на македонскиот книжевен великан Ацо Шопов. Во минатите децении, соработка со Институтот остварија највидните странски лингвисти, слависти и македонисти. Делото „За македонцките работи“ славистичката наука го прифати и го испочитува како своевидна прва кодификација на македонскиот јазик. Во минатиот век поезијата на Ацо Шопов е препеана и читана на многу јазици со што придонесе за наша афирмација во странските културни средини“, посочи Јованова-Грујовска.

Директорка на Институтот за македонски јазик истакна и дека кога во услови на интензивна глобализација на многу „мали“ јазици им се заканува исчезнување, научниците препорачуваат архивирање и документирање на загрозените јазици.

-Ние не го сметаме македонскиот јазик за загрозен. Но ги сметаме картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за непроценливо важни. Затоа со финансиска поддршка од Владата и Министерството за култура архивиравме пет милиони ливчиња со лексиколошки, ономастички, дијалектолошки и црковнословенски записи за сегашните и идните генерации. Меѓу нив е и поезијата на Шопов и пораката на Мисирков: „Јазикот е средство со кое ние осознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот соговорник“, додаде таа.

За министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, пак, одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик годинава е од посебно значење заради одбележувањето и на 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Мисирков.

-Чествувањето на овој ден, кој е посветен на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвализмот е уште една можност да потсетиме на важноста на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто. Затоа што и ние, Македонците, нашиот мајчин јазик го вреднуваме во културно наследство кое ниту се одзема, ниту се дава, ниту се подарува. Го имаме правото, ја имаме потребата да се изразуваме на нашиот македонски јазик во секојдневниот живот, во науката, во администрацијата, во културата и воопшто. Се разбира тоа право со почит и конкретна поддршка им го признаваме на сите граѓани во нашата држава. Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот и срцето на нашата нација. Имаме должност да го негуваме, да го заштитиме како наше најголемо духовно и културно наследство“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Како што посочи таа, Владата и Министерството за култура во изминатиов период реализирале многубројни проекти преку кои покажале грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин македонски јазик.

-Ќе потсетам дека пред извесен период завршивме еден капитален, исклучително значаен проект за дигитализација на картотеките на Институтот за македонски јазик преку кој трајно зачувавме оригинални македонски записи. Заеднички успеваме да ги заштитиме нашата култура и историјата на нашиот јазик. Годинава ќе добиеме и нов Закон за употреба на македонски јазик со кој ќе ги зацврстиме механизмите на чување, негување, ширење и афирмација на стандардниот македонски јазик. Денес, кога македонскиот јазик е рамноправен и во комуникацијата во Европската Унија, искрено верувам дека имаме знаење и заедничка цел: да работиме посветено и да му обезбедиме долговечност на нашиот мајчин, македонски јазик“, додаде министерката за култура.

Таа воедно истакна дека Министерството за култура, како доследно на оваа цел, годинава преку Годишните конкурси за проекти од национален интерес поддржале неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кој достојно ќе биде одбележан неговиот седумдецениски јубилеј и посветеноста во зачувувањето и промовирањето на македонскиот јазик.

На одбележувањето се обрати и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, како и Лидија Тантуровска, научен советник од Институтот за македонски јазик, која одржа кус час за мајчиниот јазик. Во рамки на настанот имаше дел посветен на Крсте Мисирков и на поезијата на Ацо Шопов, а до присутните, особено до младите се апелираше со мислата, стихот на Видое Подгорец, да го чуваат мајчиниот јазик „како црнка во очите, бидејќи без јазик си никој и ништо“ и оти „тој ни е завет од дедовците“. (Н.И.Т.)





1 view

Comments


bottom of page