Македонскиот филм „Дедо и Внук“ најдобар во Париз
10.12.2020 Декември Четврток
Македонското долгометражно остварување „Дедо и Внук“ во режија на Илија Пиперкоски ја освои наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот Филмски фестивал во Париз, соопшти „Пандорас бокс продукција“.
Пиперкоски, кој го напиша и сценариото, во „Дедо и Внук“ успеа да раскаже прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук. Грешките од младоста често знаат да отворат големи дупки подоцна во животот на секој од нас, па гледачите во многу делови од филмот ги препознаа сопствените или проблемите од нивните најблиски и пријатели. Според Пиперкоски, уметноста не треба да се занимава со големи теми, туку со мали, навидум секојдневни приказни на обичниот човек. Големите приказни се во малите мигови….
Ова е шестта награда за овој филм на Пиперкоски, кој претходно ја освои наградата за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови. Досега две награди за фотографија освои и директорот на фотографија, Патру Паунеску.
Парискиот интернационален филмски фестивал (PIFF) е единствен месечен филмски фестивал, создаден како одговор на меѓународната побарувачка за уметнички филмови и можност за откривање на млади таленти. Секој месец се организираат проекции со најдобри филмови и настани за вмрежување во „срцето на Париз“. Сепак, поради Ковид-19 кризата, ограничувањата за патувања и владините регулативи, организаторите на фестивалот беа принудени да ги откажат скоро сите настани и да го преместат целиот фестивал онлајн.
Покрај Салаетин Билал, во филмот играат и Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.
Comments