top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонскиот сликар Киро Урдин ќе изложува во Мајами

Изложбата со наслов „Предок“ на македонскиот сликар Киро Урдин ќе биде отворена од 1 април до 31 мај, во галеријата „Амадлози“ на Африканскиот центар за културно наследство, во соработка со „Клосер контемпорари арт“ од Белгија и „Ел еспацио 23“. Галеријата е лоцирана во Мајами, Флорида, САД.

Покрај самостојното претставување, нашиот уметник е поканат на резиденција на „Ел еспацио“, простор за современа уметност во Мајами во сопственост на колекционерот и филантроп Хорхе М. Перез, кој организира изложби, престои и проекти на уметници од светот. Тој е основач и на музејот за уметност „Перез“ во Мајами.

Уметникот Киро Урдин има прошетано и работено на пет континенти, сликајќи на огромни платна, снимајќи филмови, пишувајќи книги. Обземен од колоритното опкружување, античките култури, како и богатствата на светското наследство, Урдин во своето движење наречено „Планетаризам“ прави една уметничка симбиоза на сликарство, танц, филм, литература, филозофија и дизајн. Досега реализирал над 100 изложби, автор е на неколку документарни филмови и на над 20 книги.

Роден во Струмица, за Урдин адресата на живеење е привремена. Студирал право во Белград, потоа работел како новинар, а во седумдесеттите години на минатиот век импулсивно заминал за Париз, на тамошните академии за уметност, а подоцна и за филм. Моментално живее во Белгија. Во неговата последна изложба, инаку прва по пандемиските заклучувања, Урдин на еден голем ѕид во галеријата „Црн пантер“ во Антверпен, која е и една од најстарите галерии и е мини-катедрала, го претстави делото „Табула раса“.


2 views

Commentaires


bottom of page