top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонскиот поет Борчe Панов ја доби наградата „Предраг Матвејевиќ“ за книгата „Бричење балон“

Македонскиот поет Борче Панов ја доби книжевната награда „Предраг Матвејевиќ“ за 2021 година за книгата „Бричење балон“ (Бријање балона).

Таа се доделува од Порталот Радио Горњи град и Сузана Матвејевиќ, во соработка со Здружението на малцинските писатели во Хрватска, за литературно дело без разлика на жанрот (есеј, раскази, поезија, роман или хибридни форми) коешто покрај несомнениот литературен квалитет, на некој начин треба да ги одразува вредностите на инклузивност, отворено општество, рамноправност и вистинска слобода на говорот, и воопшто на хуманистичките вредности кои босанскиот и хрватскиот писател Матвејевиќ ги застапуваше и претставуваше.

Наградата на Панов ќе му биде врачена на 7 ноември во библиотеката Богдан Огризовиќ во Загреб. „Оваа награда е навистина од голем формат и не е само лично признание туку и признание за македонската книжевност. Ја добив во жестока конкуренција помеѓу книгите од стотина најзначајни писатели од сите поранешни ЈУ републики“, изјави за весникот ВЕЧЕР Панов по повод наградата.

Во потесниот избор за ова признание влегоа шест книги, и тоа: Јелена Ленголд: со „Повлекување“; Сања Ловренчиќ со „Кабинет за сентиментална и тривијална книжевност“; Семезедин Мехмединовиќ со „Ова време сега“; Борче Панов со „Бријање балона“; Марко Томаш со „Писма од југ“; Владислава Војновиќ со „Епизодисти и јунаци“, а жирито “по исцрпната дискусија“ одлучи наградата да му додели на македонскиот поет.

Преводот на книгата е на големиот српски писател, поет, есеист и преведувач – Душко Новаковиќ, а книгата ја објави Друштвото на писателите на Србија во рамки на проектот финансиран од македонското Министертвото за култура за репрезентативни преводи на книги на значајни македонски писатели.

Наградата е востановена во чест на Предраг Матвејевиќ (1932 – 2017), хуманист и интелектуалец со широк спектар, космополит, професор по француска литература и културолог, писател кој многумина го паметат по „Медитеранскиот бревијар“, „Втората Венеција“ и „Лебот наш”. Наградата се доделува секој 7 октомври (на неговиот роденден) за книги објавени во последните три години во регионот (т.е. поранешна Југославија), односно за книги објавени во 2018, 2019, 2020 година.

Книгите треба да бидат оригинално напишани на хрватски, српски, црногорски или босански литературен јазик или преведени на тие јазици доколку авторите припаѓаат на словенечкото, албанското или македонското јазично подрачје. (Н.И.Т.)


0 views

Σχόλια


bottom of page