top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонскиот павилјон во Венеција посетен од над 30.000 посетители

Македонскиот павилјон со проектот “Landscape experience“, на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, на годинешново 59. Венециско биенале (24 април до 7 октомври), во изминатите 154 дена е посетен од над 30.000 посетители.

Проектот на вклучува видеоинсталации, објекти и фотографии, а во фокусот ја има „естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите: живот – смрт, убаво – грдо, витално – отровно.

Целиот контекст на оваа поставката е парафразирaн во првиот пасус од кураторскиот текст: „Човекот е единственото суштество кое свесно се однесува кон своето постоење“ и тој е појдовна мисла околу која се гради повеќеслојноста на овој мултимедијален проект, проблематизирајќи ја на суптилен начин комплексноста на човекот како создавач и разурнувач, неговите еколошка и политичка свесност, како и смислата на нашата егзистенцијална одговорност.

Во рамките на меѓународната афирмација, на 25 март 2022 г., настанот беше најавен на платформата e-flux, која опфаќа бројни видови на критички дискурс во уметноста, архитектурата, филмот, теоријата и поврзува многу од најзначајните уметнички институции со публиката низ целиот свет.

Во текот на петте изминати месеци, како што велат од Националната галерија на РС Македонија, која е и носител на проектот, публиката и критиката го дадоа својот збор.

„Виторија Бјази (Vitorria Biasi), историчар на современа уметност, уметнички критичар и професор по историја на современа уметност на Академијата за ликовни уметности во Фиренца, во својот осврт за проектот, меѓу другото ќе напише: ‘…Големите прашања на уметноста, на поезијата се отелотворени во сликите, во предметите кои се дух на животот, илузија  или болка за да се напише друга приказна’ . За видливоста на проектот ‘Landscape Experience’ ‘зборуваше’ и Анселмо Вилата, културен менаџер, уметнички критичар, куратор и новинар и потпретседател на AICA International. ‘Одлично дело од големо општествено значење, не само уметничко, на северномакедонскиот павилјон на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска’. Особено сме горди на одвоениот медиумски простор на Venezia Today, кои го промовираа отворањето на македонскиот павилјон”, велат од националната галерија.

Оттаму додаваат дека стручната критика го даде својот збор, меѓутоа, за нив, од особено значење се емоциите на „обичната“ публика, која ги пренесе во пораките во книгата за впечатоци. „Пораките изобилуваат со зборови на пофалба за реализацијата на уметничкиот концепт, фасцинираност од одличниот спој на естетика, егзистенцијален дебрис, опомена за иднината на човештвото“…, додаваат од НГМ.

„За првпат досега, за претставувањето на Венециското биенале, македонската продукција ‘Мозаик’ во период од 27 септември па до 3 октомври 2022 г. ќе снима документарен филм за македонскиот павилјон и за овогодишните претставници Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски. Очекувањата и целите се исполнети на сите полиња, се потврдува оправданоста за учеството на РС Македонија на овој фестивал“, додава комесарот на проектот, д-р Дита Старова Ќерими, која е и директорка на Националната галерија.

Македонскиот павилјон во Венеција e сместен на фреквентна локација во објектот Скуола деи Ланери.



1 view

Comments


bottom of page