Македонски филмови на фестивал во Париз
Документарните филмови „Стела“, во режија на Стојан Вујичиќ, „101 улога 102 живота, Бајруш Мјаку“, во режија на Филип Херин, и „Бесмртноста на Блаже Конески“, во режија на Искра Талевска, ќе бидат прикажани на Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа (Festival SEE) во Париз.
Фестивалот на Југоисточна Европа (Festival SEE), чиј партнер е Институтот за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО) од Париз, од 1 до 6 јуни 2022 го организира своето 12-то издание, кое оналјн ќе прикажува филмови од Југоисточна Европа.
На фестивалот ќе биде прикажан избор од играни, кратки, документарни и анимирани филмови од 15 земји од Југоисточна Европа: Албанија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Унгарија, Косово, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Романија, Словенија и Турција.
На крајот на фестивалот ќе биде организиран избор на најдобриот филм на изданието, а со жирито ќе претседава Фроса Пејоска-Бушро, професорка по македонски јазик, македонска литература и цивилизација, која ќе формира и жири од студенти на ИНАЛКО, кои ќе го направат и својот избор за најдобар игран филм.
Фестивалот е во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска академија за кино, театар и танц – Меѓународен универзитет ЕУРОПА ПРИМА – Скопје и неговата подружница „ЕФА Продукција“. Партнери на фестивалот се Универзитетот Хумболт и „Movie Members GmbH“ од Берлин, ИНАЛКО (Париз), Асоцијацијата ЈИЕ/Association SEE (Париз), Националниот универзитет за театар и филм „Ј. Л. Караѓале“ од Букурешт, а Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Република Франција.
Фестивалот на Југоисточна Европа (Festival SEE) е меѓународен филмски фестивал создаден во 2011 година, кој обединува 15 земји од Југоисточна Европа. Покрај овие 15 земји, во изборот на фестивалот се вклучени и сите други земји-членки на MEDIA, како продуценти или копродуценти на „SEE films“. Целта на Фестивалот е да го претстави најдоброто од актуелната филмска продукција од Југоисточна Европа со цел да се зголеми познавањето на оваа продукција и да ја доближи до културната сфера на остатокот од Европа. Ова претставува платформа за меѓународна промоција на млади, креативни и оригинални филмски професионалци, им нуди можност да ја прошират својата публика и нивниот пазар.
Фестивалот е обид за надминување на разликите и лузните од минатото нудејќи нова европска перспектива на културна интеграција преку откривање и интеракција помеѓу киното, идеите, културата и граѓаните на Југоисточна Европа и европската и светската публика.
Comments