Македонски филмови во фокус на најпрестижниот фестивал на Балтикот
Престижниот меѓународен филмски фестивал Tallinn Black Nights Film Festival во Талин, Естонија, кој е и најпознат и најголем филмски фестивал на Балтикот, се одвива од 3 до 16 ноември, а македонската кинематографија е во фокус и како никогаш до сега е присутна со филмови во македонска продукција и тоа како мнозински или како малцински копродуценти. Земји во фокус на фестивалот се Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска, каде што се појавуваат 13 филма, а Македонија како земја учествува со продуцентските и копродуцентските проекти „Домаќинство за почетници“, „Чувари на формулата“ „Живи и здрави“ и „Набљудување“. Нашиот кандидат за „Оскар“ оваа година, „Домаќинство за почетници“, во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, на 13 ноември имаше своја проекција во Талин во рамките на програмата Screen International Critics’ Choice. „Домаќинство за почетници“ беше селектиран на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби наградата Queer Lion и е номиниран за Европските филмски награди. Копродуцентските куќи се јавуваат од Австралија, Србија, Хрватска, Косово и од Полска. На 16 и на 19 ноември се закажани уште две кинопроекции. Во официјалната селекција на фестивалот е и филмот „Живи и здрави“ од Црна Гора на Иван Мариновиќ, чиј прием за време на вчерашната проекција наиде на огромен интерес и сите наредни кинопретстави се распродадени. Како македонски копродуцент се јавува Дејан Крајчевски од „Круг продукција“. Македонскиот филм „Мравки“, во режија на Марјан Гаврилоски и во продукција на „Тајм лапс продукција“ е дел од индустрискиот маркет во Талин. На 16 ноември на панел-дискусијата ќе присуствуваат претставници на филмските центри од регионот и авторите на филмовите, кои се дел од фокусот, по што следува и дегустација на традиционални и автентични вкусови од Балканот. Тимот од Агенцијата за филм и „Медија деск“ се присутни на фестивалот. Македонија се јавува и како копродуцент на словенечкиот Observing, кој е надвор од конкуренција, а ќе се прикажува во рамките на програмата Critics Peeks. Зад Observing стои режисерот Јанез Бургер, а како копродуцент се јавува „Кавал филм“ од Северна Македонија. Самиот фестивал го отвори српскиот трилер-филм на Драган Бјелогрлиќ, „Чувари на формулата“, каде што како македонски копродуцент се јавува „Скопје филм студио“, чија тема веќе ја разбранува јавноста и го нарекуваат српскиот „Опенхајмер“.
Comments