top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонски премиери и фестивалски филмови во април во Кинотека

Априлската програма на Кинотека ја карактеризираат две македонски премиери, и тоа на одличниот „Баскет“ на Димитар Банов и на „Еко-скоп“ на искусниот филмски автор Коле Манев. Како што истакна за весникот ВЕЧЕР, директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, „Еко-скоп“ на Манев е мало ремек-дело на кратката филмска форма. „Реализиран со сопствени средства, во приватна продукција, Манев успева да создаде филм што ги потенцира општествените проблеми, но има и хумана димензија со што се надоврзува на своето богато творештво како сликар, писател и секако синеаст“, додава Ангелов

„Еко-скоп“ – краткиот игран филм по сценарио и во режија на Коле Манев, денес, во Кинотеката ја доживеа својата македонска премиера. Филмот, на познатиот македонски сликар, а каде што настапува актерот Александар Шехтански, нè воведува во светот на собирач на картонски отпад. Секојдневието, дневниот ритам на овој собирач, авторот на филмот го доживува како мултиуметничко дело, како колаж од слики, раздвижени од звуците на окарината на Драган Даутовски.

Како што истакна за весникот ВЕЧЕР, директорот на Кинотека, Владимир Ангелов, „Еко-скоп“ на Манев е мало ремек-дело на кратката филмска форма. „Реализиран со сопствени средства, во приватна продукција, Манев успева да создаде филм што ги потенцира општествените проблеми, но има и хумана димензија со што се надоврзува на своето богато творештво како сликар, писател и секако синеаст“, додава Ангелов. Тој воедно истакна дека априлската програма на Кинотека ја карактеризираат токму двете македонски премиери и тоа на одличниот „Баскет“ на Димитар Банов и на „Еко-скоп“ на искусниот филмски автор Коле Манев.

Инаку и овој месец, Кинотеката ќе понуди повеќе остварувања кои ќе бидат интересни за љубителите на филмови. Публиката ќе може да го погледне „Најубавото момче на светот“ (The Most Beautiful Boy in the World, 2021), а станува збор за документарен филм за шведскиот актер Бјорн Андресен, кој во 1971 година како петнаесетгодишно момче го снимил „Смрт во Венеција“ на италијанскиот режисер Лукино Висконти. „Тој го игра волшебно убавото момче Таџио, во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах во интерпретација на Дирк Богард, и оттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и Петри: Андресен, без да сака, со децении е славен како геј-икона“, посочуваат од Кинотеката.

Како што истакнува Ангелов, во април Кинотеката продолжува со програма составена од филмови добитници на награди на големите филмски фестивали, но има и неколку остварувања прогласени за најдобри во тековните години во Европа. „Тука се и канскиот победник, контроверзниот ‘Квадратот’ (The Square, 2017) на шведскиот автор Рубен Остлунд, следува исто така необичниот ‘Со среќа дупење или улаво порно’ (Bad Luck Banging or Loony Porn, 2021) на романскиот ‘енфан терибл’ Раду Јуде, па најновото остварување ‘Меморија’ (Memoria, 2021) на тајландскиот режисер со необичната естетика Апичатпонг Верасетакул“, додаваат од Кинотеката. Во рамки на априлската програма ќе може да се погледне и најновиот филм од култниот српски драматург и режисер Душан Ковачевиќ „Не е лошо да се биде човек“ (It’s not bad to be human, 2021).

Со проекција месецов, како што потврдува Ангелов, се одбележува и 100-годишнината од снимањето на филмот „Носферату, симфонија на стравот“ (Nosferatu, a Symphony of the Gray, 1922) на Фридрих Вилхелм Мурнау. Друга, пак, стогодишнина, онаа од раѓањето на можеби најконтроверзниот италијански и европски автор Пјер Паоло Пазолини, ќе биде повод за проекција на неговиот филм „Медеја“ (Medea) од 1969 година, со оперската дива Марија Калас во нејзината единствена филмска улога.

На програмата во април се и два култни наслова: „Американскиот пријател“ (The American Friend) на Вим Вендерс од 1977 и „Лудиот Пјеро“ (Pierrot le fou) на Жан-Лик Годар од 1965. Априлската програма содржи уште неколку наслови од понов датум, меѓу нив и „Бесконечна поезија“ (Endless Poetry, 2016) на Алехандро Ходоровски, потоа „Синот на Саул“ (Son of Saul, 2015) на унгарскиот режисер Ласло Немеш, како и „Кво вадис, Аида?“ (Quo Vadis, Aida?, 2020) на босанскохерцеговската авторка Јасмила Жбаниќ.

Од македонските класици, публиката може да го погледне „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли, за кој Кинотеката минатиот месец го промовираше блуреј дискот со неговата дигитално реставрирана верзија. (Н.И.Т.)




4 views

Comments


bottom of page