Македонската современа скулптура има необична приказна
26.02.2021 februari petok
Друштвото на ликовните уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура ја поставува изложбата „Современа скулптура“ во уметничкиот центар АРТ ХАБ во ГТЦ, а љубителите на уметноста ќе може да ја видат од денеска до 8 март. Оваа година селектор на изложбата е историчарот на уметноста Благоја Варошанец. – Анализите на современата скулптура како дел од континуираните изложби на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, покажуваат дека изложбата „Ситна пластика“ од почетокот на 1980-тите години, подоцна еволуира во „Современа скулптура“ и има несекојдневна и необична приказна, односно историјат директно поврзан со начинот на нејзиното конституирање, но и со начинот на нејзината изложбена интерпретација. Современата македонска скулптура, од самите почетоци на модерниот израз, ги носи сите атрибути на жива, менлива материја, која дава можност за различни „варијации“ во изложбената поставка. Скулптурата ја следиме преку стилската аналогност, разновидните истражувања на уметниците и нивните индивидуални стремежи, но и како медиум за интерпретација и дејствување во различни правци во уметноста. Аналогноста на изразот во контекст на различни ликовни правци нуди разновидност како во техниката, така и во материјалот. Динамиката на размислување прикажува различни приоди на модулации при чинот на создавање – вајање. Интензитетот на постоењето, на скулпторот му ја открил вистинитоста на формата, а формата е менлива до хегемонија на постмодерната – вели Варошанец.
Од пластичност до фрагменти, визуелни сензации на различни медиуми, скулптурите доведуваат до поместување на уметничките дисциплини, а материјалот го одредува обликот. На оваа изложба доминираат фигуративната скулптура и геометриската апстракција. – Структуралните моменти, пак, прават јасни разлики кај оние скулптури со вајарска природа и оптичка чувствителност кај некои од скулптурите што припаѓаат на некој простор, кој продолжува во некој друг. Тие го ослободуваат вајарството од претставувањето и го утврдуваат како слободна форма. Доминираат творби од метал, дрво, бронза, пластика, но и објекти што се доближуваат до цртеж, инсталација – вели селекторот за поставката. На изложбата учествуваат: Александар Јанев, Ана Димчевска Семенпеева, Ангел Димовски Чауш, Ива Станковска, Љупчо Бојаров, Маја Танева, Марина Цветановска Мартиновска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески и Златко Бојковски. На изложбата се доделува една парична награда од семејството на нашиот истакнат скулптор Боро Митриќевски што го носи неговото име. Оваа година добитник на наградата е скулпторот Слободан Милошески за делото со наслов „Воздигување“.
Comments