Македонската мода слави 30 години
23.09.2021 Septemvri Cetvrtok
Никола Ефтимов со колекцијата „(Лични) деклинации и (емотивни цитати)“, „Лудус“ со „Постродовост IV“, Росица Мршиќ со „Дрими песиџ“, Евгенија Зафировска со колекцијата „Д бегининг“, модната ревија на „Маригуча“, заедничка ревија на студентите по моден дизајн, Лидија Георгиева и колекцијата „Пејзаж бр. 22“, Силвија Михајловска под брендот „Алшар“, Колекцијата „Ориџин“ на дизајнерот Митко Занов, „Луцид дримс ин торн реалитис“ на Јована Филиповиќ, софистицирани креации од брендот „Кокев“ беа дел од модниот настан „Експо 30“, по повод одбележувањето 30 години независност на државата во Музејот на современата уметност, во организација на „Ботега евенти“. Целта на настанот е да се посочат еволуцијата и револуцијата на македонската мода.
Дизајнерот Никола Ефтимов во својата колекција сумира еден дел од своите дизајнерски пристапи, техники на изведба и украсување и концепти што го интересирале авторот во изминатите децении и нивно препрочитување. Модната ревија на „Маригуча“, на дизајнерката Нела Тодоровска, истражува како работничката облека да ја претопи во модерна. Со појавата на првите работнички облеки во минатиот век, се појавува бранот на универзалната облека, која со мали измени ја прифаќаме и денес. Студентите од Институтот за дизајн и облека на ТМФ при УКИМ, Анастасија Петрески и Кристијан Арсовски, Данијела Савиќ од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет и Фуркан Арифи од универзитетот „Мајка Тереза“ имаа заедничка ревија, која внесе свежина во целиот настан. На „Експо 30“ модната дизајнерка Лидија Георгиева ја претстави колекцијата „Пејзаж бр. 22“, произлезена од потребата да се истражи влијанието на современата технологија во корелација со недостигот од потребната доза на природа во нашето секојдневие.
– Дигиталниот свет е место во кое поминуваме сè повеќе време, па дури и кога се наоѓаме во природа. Па, така, пејзажите што ги гледаме во текот на денот сè повеќе се дигитални отколку реални. Во оваа реална/нереална игра, пејзажите се измислени, сонувани, шумски, со звуци, мириси, растенија, животни и главни ликови што можеби постојат, а можеби и не. Приказната е збогатена со стилизиран вез, инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16 век – вели Георгиева. Дизајнерката Силвија Михајловска, под брендот „Алшар“, се претстави со модели базирани и инспирирани од нејзините цртежи и креации поврзани со долгогодишното искуство и работа во модата. Инспирирана од графити-артистите и современите уметници, дизајнерката користи и ткаенини со графити-мотиви, а некои од парчињата се рачно доцртани, што е најкарактеристично во нејзината досегашна работа.
Колекцијата „Ориџин“ на дизајнерот Митко Занов е спој од старо, ново и непознато, создадена од моменти на среќа, тага и љубов и инспирирана од убавината. Колекцијата ги прикажува заштитниот печат, карактеристичните бои, материјали, форми, кроеви и текстури. Рачната изработка е од неминовен аспект, а кроевите се строги, линиите остри, формите минималистички но скулптурални, со нагласена силуета на песочен часовник. „Кокев“ го заокружи настанот со колекцијата за есен/зима 2021/2022 и претстави модели со софистициран дизајн, елеганција и екстравагантност, кои се совршено изработени од висококвали тетни ткаенини.
Comments