top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонската култура на европската рута на светите Кирил и Методиј

„Културната рута свети Кирил и Методиј“ се протега низ историски поврзани места од животот и мисијата на светите Кирил и Методиј, каде што патниците можат да сведочат на значајни остатоци и денес. Членки на оваа културна рута, освен нашата држава се и: Бугарија, Чешка, Грција, Унгарија, Словачка, Словенија, Италија и Хрватска

Македонската култура, од денеска (1 декември), за првпат ќе биде дел од европскиот проект, „Културните рути“ на Советот на Европа, поточно на „Културната рута на св. Кирил и Методиј“. Апликациите за полноправно членство на двете македонски институции, Институтот за македонска литература од Скопје и на Институт за старословенска култура-Прилеп, беа прифатени на последното Генерално собрание на асоцијацијата.

„Преку нашето учество на Културните рути на св. Кирил и Методиј, ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја. Препознавајќи се на оваа културна рута и ние како држава, која високо ги уважува и достојно го чува споменот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, се впишуваме на овој пат преку кој сакаме и ние да ги афирмираме и да ги збогатиме сознанијата за европските културни идентитети“, посочува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Инаку, културната рута „Кирил и Методиј“ се протега низ историски поврзани места од животот и мисијата на светите Кирил и Методиј, каде што патниците можат да сведочат на значајни остатоци и денес.

Членки на оваа културна рута, освен нашата држава се и: Бугарија, Чешка, Грција, Унгарија, Словачка, Словенија, Италија и Хрватска.

Според министерката Костадиновска- Стојчевска поврзувањето на фактите, на видливите сведоштва низ „Културните рути“ на Советот на Европа, се отвора можност за развивање на интеркултурниот дијалог и разбирање одблизу на историјата на Европа.

Таа најави и дека нашата држава ќе аплицира и за вклучување и во други „Културни рути“, кои како што нагласува овозможуваат богатство на слободни и едукативни активности за сите граѓани на Европа и, меѓу другото, се клучни ресурси за одржлив развој на културниот туризам.

Инаку, културната рута на Кирил и Методиј претставува патување по стапките на светите браќа Кирил и Методиј и нивните следбеници, седумте свети апостоли.

Оваа патека ги поврзува местата со наследство, културните институции и туристичките атракции во земјите од Централна, Источна и Јужна Европа на патеката во должина од 7.500 километри.

Патеката на свети Кирил и Методиј, кои се сметаат за двајцата највлијателни мисионери, кои одиграа главна улога во воведувањето на христијанството и развојот на културата во словенските земји, стана дел од петте нови рути на листата „Културни патеки на Советот на Европа“ во 2021 година.

Останатите рути тогаш беа и „Патеката на Енеа“ во Турција, „Патеката на Алвар Алто – архитектура и дизајн на 20 век“, европската патека „Д’Артањан“ за пешачење, воспоставена врз историски и литературни документи, кои го обновуваат епот за грофот Шарл де Бац де Кастелмор д’Артањан кој станал и француски мускетар и „Рутата на Дунав во железното време“.

Инаку, преку неколку компании, нашата држава беше дел од „Рутата на маслиновите дрва“ и „Винската рута, Итер Витис“, а од минатата година, официјално пристапи и кон Проширениот парцијален договор за Културните рути на Советот на Европа (ЕПА).

Создадени од Советот на Европа во 1987 година, „Културните патеки“ демонстрираат како преку патување низ просторот и времето, се придонесува за заедничко и живо културно наследство. Иницијативата има цел да го претстави заради подобро разбирање на европскиот културен идентитет и за обликување заеднички културен простор. (Д.Т.)


0 views

Comments


bottom of page