top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонската балерина Стефанија Гаштарска во Русија ја споредуваат со легендарната Ана Павлова

Стефанија е меѓу ретките балерини во светот со толку главни улоги на само 20 години. Освен на матичната сцена (Перм Опера и балет, Русија), може да се пофали и со гостувања на гала-вечери, како и со најзначајното гостување на почетокот на оваа сезона во Санкт Петербург во Михајловски театар, каде што се претстави со „Лебедово езеро“. Таа остави огромен впечаток и доби критики во кои беше споредена со легендарната руска балерина Ана Павлова

Младата македонска балерина Стефанија Гаштарска со право е во осумте идни ѕвезди во Русија, според руското издание на магазинот „Форбс“. Таа е меѓу ретките во светот со толку многу главни улоги на само 20 години. Ангажирана во Перм Опера и балет во Русија, таа веќе втора сезона цврсто гази на патот кон врвот на светската балетска уметност. Нејзиниот настап во главната ролја на последната балетска премиера „Ромео и Јулија“ на овој театар, доби извонредни критики.

„Со нејзиниот прв ангажман како уметник (минатата година како и оваа, тоа значи за сезона и пол), Стефанија може да се пофали со одиграни главни улоги во речиси сите балетски класични дела од железниот репертоар. Ги одигра Одета и Одилија од „Лебедово Езеро“, принцезата Аурора во „Заспаната Убавица“, Медора во „Корсар“, Никиа во „Бајадерка“. Настапи и како Клара „Оревокршачка“, Жизела во балетот „Жизел“, како Јулија во „Ромео и Јулија“… , но и во премиери од современиот и неокласичен репертоар. Ова е неверојатно и не знам дали уште некоја балерина во светски рамки може да се пофали со ваков почеток на кариера и со толку одиграни први улоги на само 20 години. Освен на матичната сцена може да се пофали и со неколку гостувања на гала-вечери, како и со најзначајното гостување на почетокот на оваа сезона во Санкт Петербург во Михајловски театар, каде што се претстави со „Лебедово езеро“ и остави огромен впечаток, а доби критики во кои беше споредена со Ана Павлова“, посочува за весникот ВЕЧЕР нејзината мајка Марија Крстевска, која и самата е балерина.

Последниот настап Стефанија го имаше на четврти февруари во балетската премиера, која се одржа во Перм Опера и балет, а реакциите и честитките не стивнуваат…

„Јулија е многу комлексна улога бидејќи, освен техничкиот дел кој мора да е изведен до совршенство, тука е и глумачкиот момент кој доколку не се долови врвно и не успеете да ја убедите публиката, улогата е промашена. Тоа е улога која има голема уметничка, техничка и глумачка тежина која премногу бара, но претставува и огромен предизвик за една балерина. Треба да се покаже голема зрелост како уметник, пробувајќи да доловите лик на младо девојченце кое првпат ја вкусува љубовта, но и неправдата, страдањето и на крај и смртта. Според коментарите на критичарите, Стефанија успеа да ја убеди публиката и улогата била изведена 100 проценти совршено“, додава мајката на Гаштарска.

Инаку, да те истакнат во „Форбс“ како идна ѕвезда на рускиот балет е огромно достигнување, особено ако имаш само 20 години.

„Како се прави таа селекција и кој ги номинира, тоа не знам, но сигурно е базирано врз основа на критиките после секоја изиграна претстава, според реализираните улоги и ефектот кај публиката… Kако и да се прави селекцијата, секако е по заслуга. И ние бевме во пријатен шок кога сфативме дека некој ја следи нејзината кариера и тоа што она го прави, а нејзините постигнувања се сметаа за врвни. Да си на ваква листа во држава, која е колепка на балетската уметност, држава со огромна традиција и врвни достигнувања кога е уметноста во прашање, е за восхит. Тоа е и потврда дека Стефанија е на прав пат да биде ѕвезда, односно да си го оствари зацртаното, што јас искрено мислам дека е повеќе од реално“, вели Марија Крстевска. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page